Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на покана на организаторот, денеска со свое обраќање го отвори првиот Балкански самит на претприемништво, на кој присуствуваа и заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, Евроамбасадорот Жбогар, како и членови бизнис заедницата и на дипломатскиот кор во државата.
Во своето обраќање, премиерот Заев истакна дека една од првите задачи на Владата беше ослободување на заробената држава, а следствено и креирање на клима во која конечно ќе разговараме за бизнис идеи.
„Стравот долго време ја парализираше оваа држава. Решивме храбро да се соочиме со предизвикувачки одлуки, за да дојдеме токму до вакви моменти – настани во кои ќе зборуваме за бизнис идеи, за предизвици да се изгради нов бизнис и да се биде успешен и истраен во таа мисија. Знаејќи дека најголем предизвик на иднината ќе биде развивањето и менаџирањето на талентот – човечкиот капитал, ние посветено работиме на зголемување на продуктивноста преку инвестирање во образование, знаење и вештини, паметна специјализација и дуално образование...“, истакна премиерот Заев.
Премиерот Заев се осврна и на мерките кои во континуитет ги презема Владата за поддршка на креирањето на нови бизниси и инвестиции во човечкиот капитал.
„Преку Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот охрабруваме започнување на сопствен бизнис. Само преку оваа мерка, во 2018 година наменети се околу 6 милиони евра, или 364 милиони денари, при што се отворени нови 962 субјекти и вработени се 1191 лице. Оваа година во Оперативниот план наменети се средства за поддршка за вработување на 1070 лица“, нагласи претседателот на Владата на РСМ Заев, и додаде дека со измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, се овозможуваат олеснети услови и се зголемува опфатот на компании кои може да ги користат мерките.
Тој потенцираше дека мерките важат за микро, мали и средни компании и поттикнуваат индустриски раст и дека сега се олеснети условите за аплицирање, а опфатот се зголемува за компании од ИТ индустрија, компании од било која гранка кои реализираат инвестиции во производство, како и за компании од земјоделството во преработувачката индустрија.
Премиерот Заев посебно се задржа на актуелниот предлог Закон за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, се овозможува пораст на платите во реалниот сектор.
„На работодавачите им е овозможена поддршка, доколку исплаќаат плати повисоки за износ од 600-6000 денари, со што државата презема обврска за износот за кој се покачува платата да ги уплати средствата (во висина од 27,7%) кон фондовите за пензиско и здравствено осигурување, додека работодавачот ќе треба само да го покрие износот за персонален данок во висина од 10%. Оваа мерка ќе важи за сите компании, независно од големината или секторот во кој работат и се очекува да даде силен поттик за зголемување на платите“, потенцираше во своето обраќање на првиот Балкански самит на претприемништво.
Во својот поздравен говор, вицепремиерот Кочо Анѓушев, се надоврза на говорот на премиерот и ја искажа силната поддршка која оваа Влада ја дава на приватниот сектор и развивањето на претприемачки менталитет кај младите.
„Јас длабоко верувам дека одржлив раст на БДП во една држава може да се генерира само врз база на реалната економија, на приватната инвестиција, на приватната иницијатива и врз база на претприемачкиот дух на младата генерација. Анкетите покажуваат дека младите луѓе сакаат да работат во државна администрација, но тоа е погрешно. Младите луѓе, треба да сакаат да креираат свои фирми, односно за да може да ја предвидат својата иднина да се обидат да ја создаваат, да не оставаат друг да ја создава во нивно име, а најдобро ќе ја создаваат ако имаат претприемачки дух и најдобро ќе ја создаваат ако креираат свои компании и имаат издржана и целосна идеја. Верувајте ми, од лично искуство ви кажувам дека секој претприемач треба да живее свој сон и да не се срами да сонува затоа што сонот е тој што ќе ве води во остварување на Вашите цели . Тоа е тоа што треба да ви кажува вашиот инстинкт и вашето срце во кој правец треба да ја движите вашата иднина од економски аспект и само така ќе успеете, бидејќи тој што не сонува големи соништа никогаш не ги ни доживува“, посочи во своето обраќање Анѓушев.