Од 155-та владина седница: Материјално обезбедени нови 1000 стечајни работници, забрзување на постапката за утврдување и исплата на штети од временски непогоди, усвоен предлог закон за ратификација на Конвенцијата за намалување на бездржавјанство

На денешната редовна 155-та седница, Владата на Република Северна Македонија го разгледа и усвои Предлог-законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата во доминантна државна сопственост со кој се проширува опфатот со нови 1000 стечајни работници на кои им се решава статусот со месечен паричен надоместок до моментот на нивно пензионирање. Со претходните законски решенија и со овој Предлог-закон околу 12.000 стечајни работници добиваат финансиска поддршка и материјално обезбедување до моментот на нивно пензионирање.

Владата на денешната седница донесе одлука за забрзување на процедурата за утврдување и исплата на штетите што земјоделците ги претрпуваат како резултат на неповолните климатски промени.

За таа цел на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата денеска ја разгледа и усвои Предлог-уредбата за престанувањето на важењето на уредбата за начинот на утврдувањето на неповолниот климатски настан, настанатата штета, пресметувањето на загубата на приходот, пресметката на штетата, постапката за исплатата на помошта.

Владата на Република Северна Македонија на денешната седница ги разгледа и усвои Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за лобирање и Предлог-законот за ратификација на Конвенцијата за намалување на бездржавјанство, усвоена од Организацијата на Обединетите Нации во Њујорк, на 30 август 1961 година.

На предлог на Министерството за образование, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за вклучување на училишта во иницијативата за саморефлексија при користење на дигитална технологија во образовниот процес - употреба на алатката SELFIE, којашто веќе се употребува во 35 земји и е изработена од страна на Заедничкиот истражувачки центар при Европската комисија (Join Research Centre – JRC).

За таа цел се задолжува Министерството за образование и наука, да достави информација за процесот на пилотирање и планот за имплементација на национално ниво на SELFIE алатката до крај на октомври 2019 година.

Како материјал за информирање Владата ја разгледа и усвои Информацијата за вклучување на Меѓународната организација на трудот и дополнување на меморандумот за соработка за обезбедување ефикасна и координирана соработка во спроведувањето на заедничка медиумска кампања за промовирање на стручните занимања и можностите за стручно образование во Северна Македонија во периодот до 2021 година. 

Министрите ја разгледаа и усвоија и Предлог-уредбата за изменување на Уредбата за спроведување на Царинскиот закон. Со предложената измена на Уредбата за спроведување на Царинскиот закон се врши измена во одредбите кои се однесуваат за одобренија за поедноставени царински постапки коишто се издаваат суспендираат или укинуваат доколку се исполнети условите и критериумите од членовите кои се однесуваат за овластените економски оператори (ОЕО).