На вчерашната редовна 157 седница, Владата на Република Северна Македонија го утврди дополнетиот Предлог за Изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година, откако текстот на предлогот за ребаланс на буџетот ја помина постапката на комисиска расправа во Собранието на Република Северна Македонија во комисиите за финансирање и буџет и Законодавно-Правната комисија.
Новиот дополнет Предлог за Изменување и дополнување на Буџетот за 2019 година, кој ќе биде пуштен на усвојување на пленарна седница на Собранието, главно опфаќа реалокација помеѓу веќе утврдените ставки во рамки на почетните проекции.
Со прифатените измени на седницата на Владата на РСМ, се обезбедуваат средства за непречено функционирање на ново формираната Агенција за национална безбедност во износ од 99 милиони денари, обезбедување на дополнителни средства во износ од 560 милиони денари (а во првата половина на годината со реалокации се обезбедени уште 355 милиони денари) како директна поддршка во земјоделството и справување со болеста Африканска чума кај свињите, средства за Колекторски систем за заштита на Охридското езеро, како поддршка на напорите на централната и локалната власт за исполнување на препораките од УНЕСКО.
Измените во Буџетот за 2019 година, меѓу другото, обезбедуваат дополнителни средства во износ од 244 милиони денари за правосудниот систем, односно судството и обвинителството, со цел јакнење на финансиската состојба и решавање на прашањето поврзано со исплатата на надоместоците на вработените во овој ресор. Предвидени се и средства за поврат на дел од данокот на додадена вредност кон физичките лица во износ од 300 милиони денари со што ќе се обезбеди дополнителен приход во секое семејство, ќе ја засили куповната моќ и позитивно ќе влијае врз зголемување на потрошувачката и на наплатата на ДДВ, и ќе влијае на намалување на даночната евазија и сивата економија.
Со ребалансот на буџетот се обезбедува мерката субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата во износ од 400 милиони денари, која има за цел да стимулира зголемување на платите на вработените во приватниот сектор преку финансиска поддршка за работодавачите кои ќе извршат зголемување на платата на вработените до 100 евра. Исто така, предвидени се дополнителни средства за набавка на лекови за ретки болести и инсулин во износ од 193 милиони денари, како и алоцирање на дополнителни средства во износ од 660 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување со цел непречено остварување на право на здравствена заштита и боледувања. Предвиден е поголем трансфер од Буџетот на Фондот за пензиско и здравствено осигурување од 815 милиони денари кон пензиските друштва од вториот пензиски столб, согласно месечните исплати за бројот на осигуреници, што во суштина го потврдува и трендот за зголемување на вработеноста.
На вчерашната седница Владата на Република Северна Македонија го задолжи Министерството за надворешни работи да стапи во контакт со надлежните владини институции на Република Албанија за да бидат разменети информации за тоа каква помош е најсоодветна да биде упатена за да се санираат последиците од неодамнешниот земјотрес во оваа наша соседна земја.