Министерството за здравство ќе спроведува анкети за задоволството од здравствениот систем
Министерството за здравство во следните четири години ќе спроведува теренски истражувања со кои ќе се мери задоволството од здравствениот систем и врз основа на тоа ќе презема мерки за подобрување.
Станува збор за четиригодишен проект што ќе се спроведува во текот на целата година, а со кој ќе бидат опфатени не само пациентите, туку и здравствените работници.
Предвидено е една анкета да биде наменета за корисниците на здравствени услуги, односно за сите категории пациенти и нивните блиски роднини и за нивната перцепција за здравствените услуги. Со вториот прашалник ќе бидат опфатени здравствените работници кои ќе треба да одговорат како тие го оценуваат здравствениот систем, работата на здравствената установа, опремата со која располага установата и хигиената во неа, како и работата на менаџерскиот тим. Третиот прашалник се однесува на мерењето на задоволството кај пациентите кои престојувале во болница, односно пациентот заедно со отпусното писмо ќе треба да одговори на прашалник во кој ќе го оцени персоналот и услугата што му била дадена за време на болничкиот престој.
Со истражувањето ќе бидат опфатени околу 12 илјади испитаници и се очекува да се добие висока точност на резултатите.
Паралелно со ова ќе се одвива уште еден проект т.н. „пациент“ кој е замислен така што истражувачи во улога на пациенти ќе треба да оценуваат повеќе сегменти на здравствената услуга. Овој проект е планирано да почне да се спроведува од 1 март годинава, а за него е ангажирана „ИПИС“.
- Очекувам дека овие два проекта ќе овозможат да добиваме информации кои ќе бидат од есенцијално значење за креирањето на политиките кои ќе бидат преземени од страна на Министерството за здравство во правец на подобрување на услугата, но и на состојбите и квалитетот на здравството, истакна министерот за здравство Никола Тодоров на денешната прес-конференција на која ги најави двата проекта.
Истражувањето треба да се спроведува два пати во годината со тоа што од првиот дел треба да се добиваат информации врз основа на кои ќе се носат одлуки, а вториот дел ќе биде наменет за споредување на затекнатата со новонастанатата состојба по преземените мерки.
Двата проекта ќе чинат околу 10 илјади евра годишно или 40 илјади евра за сите четири години.