Денеска и утре, во организација на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, се одржува конференција на почесни конзули на Република Северна Македонија, акредитирани во странство

Конференцијата со почесните конзули, со свое воведно излагање, ја отворија министерот за економија, Крешник Бектеши и заменик-министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Андреј Жерновски.

„Економската политика на Северна Македонија е константно насочена кон подобрување на деловното опкружување, поддршка на иновациите и претприемништвото и привлекување странски инвеститори, како главни промотори на економскиот раст. Минатата година го изготвивме новиот План за економски раст кој се темели на Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Планот за економски раст содржи мерки за зајакнување на инвестициите и конкурентноста на економијата на Северна Македонија, поделени на три столба, за давање можност на приватниот сектор да ја искористи владината поддршка. Исто така како Влада сме силно фокусирани на спроведување на низа економски реформи со цел за раст на економијата и подобрување на стандардот на граѓаните. Успехот на ваквите заложби го потврдува и фактот што Бруто домашниот производ во првиот квартал забележа раст од 4,1% и 3,1% во вториот квартал, додека во исто време невработеноста се намали на 17,4%. Тоа значи дека економијата е во добра насока“, истакна министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој ги информираше почесните конзули за реформите спроведени во енергетиката кои што отвораат врати за нови големи инвестиции во енергетскиот сектор во државата. Ги повика конзулите да ги промовираат можностите кои што ги нуди земјата посебно во делот на инвестиции во обновливи извори на енергија.

„Ние како Министерство за економија интензивно работевме и на спроведување на реформи во енергетиката, со што во мај минатата година беше донесен новиот Закон за енергетика во согласност со барањата од Третиот пакет енергетски директиви на Европската Унија. Заради целосно комплетирање на ЕУ законодавството во врска со промовирање на биогоривата и енергетската ефикасност минатата недела беше донесен и Законот за енергетска ефикасност. Исто така со цел поттикнување на производството на струја од обновливи извори на енергија, Владата ќе субвенционира 200 мегавати фотоволтаични централи, а веќе се објавени и првите огласи за изградба на фотоволтаици на државно и на приватно земјиште“ информираше министерот Бектеши.

Министерот Бектеши ги повика почесните конзули да бидат партнери на Владата и да работат заедно на подобрување на деловната клима што ќе значи раст на целокупната економија.

„Високо ја цениме вашата посветеност кон извршувањето на одговорните функции на почесни конзули, како и вашиот значаен придонес за заштитата на интересите на Република Северна Македонија преку пружање помош на нејзините граѓани”, беа зборовите кои заменик-министерот за надворешни работи, Жерновски ги упати до почесните конзули на конференцијата.

„Во овие времиња, тежината на една земја на глобалната арена повеќе не се мери според нејзината географска големина, туку според нејзиниот капацитет и волја ефективно да придонесува во потрагата по решенија за растечкиот број на предизвици од транснационална природа, кои денес го оптоваруваат човештвото, беше истакнато во обраќањето. Економијата прераснува во главниот двигател на политичките влијанија и затоа јас ја гледам економската дипломатија како еден пристап на промена во управувањето, со цел негување на поблиски односи со приватниот сектор, бизнис заедницата и разните невладини организации – како во нашата земја, така и во нашите земји партнери“, нагласи заменикот министер. Во овој контекст, Жерновски посочи дека во остварувањето на оваа цела, потребни ни се мислењата и тимската работа со почесните конзули, со што би ги впрегнале пошироките аспекти на нашата дипломатска дејност за промоција на трговската размена, охрабрување на економскиот раст, привлекување на инвестиции и поддршка за бизнисите.

„Република Северна Македонија е отворена за бизнис“, истакна Жерновски, надополнувајќи дека од страна на почесните конзули очекува дипломатската економија да биде нивниот водечки принцип на работа и дека притоа да го промовираат нашето национално реноме на слободна пазарна економија ориентирана кон извозот.