Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за култура, Хисни Исмаили и министерот за образование, Арбер Адеми денеска присуствуваа на отворањето на дводневната меѓународна конференција „Сликата на другиот во балканската култура“ во организација на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје.
Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Заев:
„Имам особена чест, денеска, да ве поздравам и да ви посакам успешна работа со оглед на тоа што гледам дека Програмата е богами обемна и за тоа посебно ми е драго.
Денеска од овој Институт соопштувате убава вест на Балканот преку сите научни трудови кои што ќе ги оставите овде, па ред е како јас, и министрите да почнеме со соопштување на убави вести.
Прво честитки за трајното добро коешто останува трајна вредност на овој Институт преку овој објект доделен од Владата. Со здравје да се користи оваа нова сала којашто е направена да има многу дебата.
Ребалансот на буџетот помина и минатиот труд на научните работници од Институтите, вкупно 7 во државата е решена проблематика и нека ви е честито покачувањето од 5% проценти којашто беше од септември. Веќе со октомвриската плата го добивте и имате нова одлука на 25% покачување на плата, затоа што навистина приходите за научните работници и професорите коишто работат во сите наши институти беа понижувачки. Владата смогна сили и донесе одлука со што сакаме да ве мотивираме да продолжите да работите, да креирате, да оставите трајни добра на генерациите што доаѓаат после нас и навистина оваа тема денеска само тоа го кажува дека навистина преку овие трудови денеска овде и утре на оваа конференција што ќе се работат, ќе остават едно трајно добро за Балканот, онаков Балкан каков што сите го посакуваме, различен Балкан но убав Балкан, богат со разбирање меѓу сите.
Најпрво, секако сакам да им се заблагодарам на претставниците на Организацискиот одбор, на директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, господинот Асани, кои ја организираат оваа Конференција, чиј наслов има позитивен, обединувачки наратив, кој нè насочува на заедничка соработка, истовремено достојно почитувајќи го другиот и неговата различност, особено посебност.
Науката е еден од мостовите кој може да не поврзе заедно сите овде, во нашата држава каде успешно го градиме концептот на мултикултурализмот, но и надвор со останатите народи и култури, што навистина е вредност, како нишка за регионална и мултилатерална соработка.
Владата, заедно со сите граѓани, изминатите две и пол години се посвети на унапредување на концептот за развој на едно, еднакво и праведно општество, општество кое овозможува меѓукултурно разбирање и соработка, исклучително видливо во нашата земја.
Истовремено, сите ние, заедно, се грижиме да ги почитуваме примарните вредности кои го одбележуваат етничкиот, националниот и верскиот идентитет.
Обединувачките политики на Владата и определбата за изградба „Едно општество за сите“, ги реализираме со сеопфатната „Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам“, документ кој изминатите месеци беше предмет на опсежни и широки консултации и дискусии, кои ги отворивме со цел да го слушнеме гласот на граѓанскиот сектор, академската и научната заедница и сите заинтересирани страни.
Оваа стратегија ја изработуваме навистина внимателно, бидејќи таа е одраз на нашиот степен на општа интелигенција, кој се одразува низ создавањето еднакви можности за партиципација на сите заедници во општеството и преку обезбедување еднакви права и должности во државава.
Денес, нашата земја се претставува како вистински почитувач на сите заедници кои живеат во неа и каде секоја одделно, даваат огромен културен и економски придонес за развој и просперитет на нашата земја, која почитувајќи ги европските и евроатлантски вредности се гради како современа демократска држава.
Но, исто така, преку одржувањето на пријателските односи со сите соседи, ние ги надминуваме и географските граници на нашата земја, Северна Македонија и отвораме еден поширок балкански дијалог на разбирање, надминувајќи ги и јазичните и етничките и политичките граници.
Секако и составот на учесниците на денешниот семинар, кои потекнуваат од повеќе држави на Балканскиот Полуостров дава поширока слика за ова за што зборуваме. Ние земјите од Балканот, сме стратешки партнери, обединети во настојувањето да обезбедиме безбедност и стабилност, на патот кој ни е заеднички, а тоа се евроинтеграциите и тој пат може само да се надградува со економска, трговска, културна соработка и друг вид соработка.
Со вашето севкупно учество на ваквиот вид на семинари како што е овој семинар којшто сега е во тек, давате сериозен придонес на севкупната надградба на Балканот да биде модерен Балкан, Балкан од 21-виот век.
Ви посакувам на сите убава, плодна и пред сé пријателска научна конференција којашто ќе остави дебели траги за генерациите коишто доаѓаат после нас.