Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска заедно со министерот за здравство Венко Филипче, во придружба на директорката на Клиниката за гастроентерохепатологија, Калина Гривчева - Старделова го посетија реновираниот дел на Клиниката во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
При обиколката на третиот кат од Клиниката, со чие реновирање се подобрени условите за обезбедување современ и модерен пристап до здравствената заштита на пациентите и се обезбедени подобри услови за работа на медицинскиот персонал, премиерот Заев се заблагодари на донаторите коишто покрај Фондот за здравство учествуваа во комплетирањето на обновата на оваа клиника.
„Следуваат уште реновирања на 30-34 здравствени установи во државата во редовната, годишна програма. Драго ми е што постојано ги унапредуваме и опремите. На последната седница определивме 10 милиони денари за Клиниката за онкологија, за да се набават дополнителни опреми, ги осовременуваме системите за нега и грижа на нашите граѓани затоа што навистина сите сме потенцијални пациенти, кога има потреба од здравствениот систем“, подвлече премиерот Заев поздравувајќи ги присутните медицински работници, меѓу кои беа и директорите на Фондот Ден Дончев и Орхан Рамадани.
Подвлекувајќи дека нема поважна работа од здравството и дека здравјето на граѓаните е од најголема важност, премиерот Заев информираше дека Владата ќе продолжи со зголемување на буџетските средства на Фондот за здравство и на Министерството за здравство, како и со зголемување на платите специјалистите, медицинските сестри и другите здравствени работници, како дополнителна мотивација на здравствените работници покрај досегашните зголемувања на специјалистите од 15 проценти и 10 проценти на медицинските сестри.
„Платите, т.е. вкупните примања на специјалистите се во висина од 100.000 денари. Ако правиме споредба од пред две години, тие тогаш беа околу 40-тина илјади денари“, рече премиерот Заев додавајќи дека сите мерки се со една конечна цел, пациентите да имаат подобри услови за лекување, но и да се задржат лекарите, медицинските сестри и болничкиот персонал, дома, во својата земја да живеат и тука да ја градат својата иднина.
Министерот за здравство Венко Филипче, се осврна на Програмата за зајакнување на здравствениот систем, информирајќи дека Одделот на кој денеска се врши обиколка е еден од дванаесеттината оддели кои се целосно реновирани и каде што се обезбедени одлични услови за лекување на пациентите и за работа на персоналот.
„Продолжуваме и со останатите мерки, конкретно на Клиниката за гастроентерохепатологија, во периодот којшто следи, за 20-тина пациенти кои имаат сериозни заболувања, ќе биде обезбедена биолошка терапија во рамките на групна набавка којашто ја спроведе Министерството за здравство, благодарение на која во нашата земја се донесоа над 30 молекули кои до сега не беа на располагање на нашите пациенти. Добар дел од нив за оваа терапија се упатуваа во странство“., најави министерот Филипче.
Тој информираше и за продолжување на зајакнување на персоналните капацитети, каде веќе се издадени повеќе од 5.000 согласности за вработување во период од две години, од кои добар дел од нив, веќе се реализирани.
„Кога ми беше дадена можноста да бидам директор на Универзитетската Клиника за гастроентерохепатологија, мојата желба беше да ги подобрам условите, како за пациентите што доаѓаат секој ден, така и за колегите. Да ни биде драго што одиме на работа. Ја сум многу благодарна, заедно со моите колеги, на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, на Министерството за здравство и Владата кои со своите програми ни овозможија, со доделување на одреден буџет, овој оддел да го реновираме од корен“, истакна директорката Клиниката за гастроентерохепатологија, Калина Гривчева – Старделова, додавајќи дека сега пациентите ќе ја добијат вистинска, соодветна нега.