Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, во присуство на претседателот на државата Стево Пендаровски, амбасадорката на САД Кејт Брнз и голем број на амбасадори, инвеститори и гости, се обрати на утринската сесија на осмото по ред издание на Самитот на Македонија 2025.
Во прилог на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:
„Владата на Република Северна Македонија интензивно и континуирано работи на креирање на политики кои на нашата бизнис дијаспора ќе и олесни пристап до создавање на нови работни места, а нивниот капитал да го донесат во својата татковина. Впрочем голем дел од нив се впишани и во Националната стратегија на Република Северна Македонија за соработка со дијаспората 2019-2023 година.
Пред нас се последните чекори кои ги преземаме кон полноправно членство во НАТО со што ќе се создаде безбедна економска клима, стабилност и сигурност на вашиот капитал.
Различните економски прилики низ изминатите декади предизвикаа голем бран на одлив на млади луѓе и стручни кадри, но тоа не значи дека во нашата држава не останаа посветени граѓани кои секој ден работат упорно за подобро утре.
Ве повикувам низ оваа иницијатива и низ секој можен канал на комуникација да ги држите живи контактите, да инвестирате во нашите граѓани, посебно во младите. Оние на кој им е најмногу потребно сега повеќе од било кога да разберат дека и во нашата татковина се може!
Низ серијата политики кои ги креиравме, преку Планот за економски раст, преку поддршката која ја дава Фондот за иновации, преку даночните и други стимулации за малите бизниси, треба да испратиме заедничка порака дека ние сме подготвени да бидеме економски хаб, центар во овој дел од европскиот континент.
Иницијативите кои ги преземавме минатиот викенд со лидерите од регионот само дополнително ќе ги зацврснат и олеснат постоечките економски текови и ќе отворат нови перспективи.
Размената на човечкиот капитал ќе се олесни, ќе се олеснат административните процедури се со цел подобро утре на сите нас. Ве повикувам активно да ги користите сите овие мерки. Бидете креативни, создавајте нови иновативни бизниси.
Дојдете дома, кога ги имаме сите услови, треба да работиме заедно со вас, и на младите претприемачи да им овозможиме светла иднина. Имаме пристап до пазар со над 650 милиони само во рамките на Европската унија. Дома сме, а произведуваме за цел континент. Тоа е суштинската придобивка и на патриотизмот и на либералните економски политики.
На претставниците на компаниите им порачувам: Тука сме, работиме и за вас и за нашите граѓани. Слободно давајте иницијативи – ги слушаме и имплементираме.
На младите кои се тука и оние кои не следат низ цел свет им порачувам: Република Северна Македонија ги затвори сите горливи прашања. По речиси три декади на крајот сме на остварување на своите стратешки интереси – членството во ЕУ и НАТО. Нема повеќе несигурност. Реформите ги забрзуваме, вас ве почитуваме! Разговарајте со поискусните, развивајте ги своите академски и лични потенцијали, само така може подобро и повеќе да постигнете. Дури и да заминете, потоа преку ваквите иницијативи вратете се назад, градете тука. Ние сме тука за вас, вам ви служиме.“