Зголемувањето на пензиите во јануари 2020 година, социјалната пензија и други актуелни прашања беа тема на денешната средба на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска со пензионерите во Куманово. Министерката лично ги информираше пензионерите за претстојното покачување на пензиите во јануари 2020 година кое ќе изнесува од 860 до 900 денари со пресметаните дополнителни усогласувања.
„Ова е најголемо покачување во последните 12 години. Покачувањето од 700 денари ќе влезе во основица и истото дополнително ќе се усогласи во текот на 2020 со трошоците на живот. Со новото законско решение конкретно, растот на пензиите ќе го следи покачувањето на минималната и на просечната плата во државата. Покачувањето се прави плански со издржани пресметки и во услови кога имаме стабилизација на пензискиот систем, но и кога имаме раст на економијата во државата. Системското решение предвидува дополниетлно зголемување на пензиите освен според растот на БДП, да може да се зголемуваат и според растот на платите. Во години на раст на минимална плата над 15%, и на раст на просечна плата за 5%, ќе има можност за покачување и на пензиите за 5%“, рече Царовска на средбата во Куманово.
Илија Ивановски заменик директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување истакна дека пензиите се покачуваат во време кога дефицитот на Фондот за ПИО е намален за 10%, а приходите се зголемуваат. Речиси 44% од пензионерите во државата земаат пензија под 12.000 денари. Дополнителните 700 денари ќе значат најмногу токму за овие наши сограѓани. Секој заслужува достоинствен живот.
На средбата во Куманово присуствуваше и претседателката на Сојузот на здрженија на пензионери Станка Трајкова и претседателот на кумановското здружение на пензионери, Благоја Јакимовски.