Децата од нашата земја денеска ја „презедоа“ Владата на Северна Македонија. Нивните претставници, по повод Светскиот ден на децата и 30 годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на децата на ОН, учествуваа во работата на средбата на високо ниво „За децата, од децата“ со премиерот Зоран Заев, министерката за правда Рената Дескоска, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, државниот секретар на Министерството за образование и наука Енвер Хусеин, Зоран Попов, државен секретар на министерството за надворешни работи и Јасминка Ангелова, државен советник на Министерството за внатрешни работи.
Во своето воведно обраќање Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев на состанокот со децата по повод Светскиот ден на децата и 30 годишнината од Конвенцијата за правата на децата на ОН, на кој присуствуваа и амбасадорот на ЕУ во земјата Самуел Жбогар, претставничката на УНИЦЕФ во земјата Патриција Диџовани, и пратеничката и претседателка на Клубот за младински прашања во Собранието на Република Северна Македонија Ивана Туфегџиќ, истакна дека средбата на Владата со претставниците на децата од нашата земја е за да разговараме, да ги слушнеме сугестиите, идеите и предлозите за темите што ги интересираат и засегаат децата.
Во работата на состанокот со претставниците на Владата се вклучија Александар Ступар, Стефан Митиќ, Михаела Трајковска, Бисера Шегмановиќ, Искра Зекири, Лука Павиќевиќ и Елиза Абдија, кои како младински застапници ги изнесоа нивните видувања за прашањата за животната средина, за вработувањето на младите, за поквалитетно образование, за вклучувањето на младите во креирањето на политиките за нив, за насилството во училиштата, како и за инклузијата на учениците со попречености.
Во дебатата што потоа беше отворена, министрите во Владата истакнаа дека денеска Владата ја „презедоа“ деца и млади кои се целосно еманципирани во своите ставови за прашањата од нивни интерес и покажуваат максимална активност во остварување на нивното право да бидат вклучени во донесувањето на политиките кои ги засегаат.
За голем дел од нивните размислувања и сугестии беше потврдено дека ќе се побараат решенија и дека ќе се организираат средби и дебати преку нивните претставнички организации за имплементирање на решенијата што ги предлагаат децата и младите.