Со цел зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори, како и за намалување на трошоците за електрична енергија, на институциите формирани од општините и на предлог-објекти од општините се реализираше Проектот за проектирање и поставување на фотоволтаични системи во 36 општини и на 108 јавни објекти.
На барање на Владата, Европската Унија (ЕУ) се согласи да обезбеди 15,5 милиони евра за развој на руралната инфраструктура. Вкупниот износ на Програмата, вклучувајќи го и кофинансирањето од страна на Владата изнесува 20,667 милиони евра. Програмата ја имплементираше Министерството за финансии, во соработка со Светската банка како посебен сегмент за ИПА рурални инвестиции во рамките на проектот за подобрување на општинските услуги. Овие средства на општините им се доделуваат во форма на грантови за да ја подобрат инфраструктурата во руралните средини.
Во рамките на Министерството за финансии-МСИП, Проект за подобрување на општинските услуги со средства од ЕУ ИПА грант успешно се реализираше Проектот за проектирање и поставување на фотоволтаични системи во 4 региони и тоа:
- Источен плански регион, 11 општини: Берово, Виница, Делчево, Карбинци, Кочани, Македонска Каменица, Пехчево, Пробиштип, Чешиново-Облешево, Штип, Зрновци;
- Југозападен регион, 10 општини: Вевчани, Дебарца, Македонски Брод, Охрид, Дебар, Кичево, Пласница, Струга и Центар Жупа и Ресен;
- Полошки плански регион, 9 општини: Јегуновце, Маврово и Ростуше, Боговиње, Брвеница, Врапчиште, Гостивар, Желино, Теарце и Тетово; и
- Североисточен плански регион 6 општини: Кратово, Крива Паланка, Куманово, Ранковце, Старо Нагоричане и Липково.
Фотоволтаичните системи се поставени во објекти на вкупно 68 училишта, од кои 11 за средно и 57 за основно образование. Од нив, 58 фотоволтаични системи се поставени на училишните згради и 10 на спортските сали при училиштата. 6 фотоволтаични системи се поставени на детски градинки, 18 на општинско-административни објекти, 2 системи на домови на култура, 3 на спортски општински сали и по 1 фотоволтаичен систем e поставен на здравствен дом, територијална единица за противпожарна заштита и тренинг центар.
За намалување на трошоците за електрична енергија кај јавните субјекти инсталирани се 3 фотоволтаични системи на пречистителни станици за отпадни води и тоа во Берово, Кичево и Македонски Брод, како и 4 системи на фабрики за вода за водоснабдителен систем (Штип, Струга-Шум, Гостивар и Тетово) и една пумпна станица за водоводен систем во Карбинци.
Кај ваквите објекти, каде корисникот работи 24 часа и е голем потрошувач, заштедите во потрошена електрична енергија може да изнесуваат од 28 до 82%, или 45% во просек месечно, односно 1.000 евра по објект за месец. Кај осумте вакви објекти со вградени фотоволтаични системи, заштедата годишно може да изнесува 96.000 евра.
Во јавните објекти од типот на општински-административни згради, училишта, градинки културни домови и слично (мали потрошувачи), заштедите во потрошена електрична енергија месечно може да изнесуваат од 20-76% (просечно 45%) што изнесува 80 евра по објект месечно. На 100 вакви објекти вградени се фотоволтаични системи и заштедата кај нив годишно може да изнесува 96.000 евра.
Вкупната заштеда на средства за сите 108 објекти годишно може да изнесува околу 190.000 евра.
Овие капитални инвестиции со поддршка од нашите партнери, Европската Унија и Светската банка, придонесуваат за подобрување на инфраструктурата во руралните средини и подобрување на условите за сите граѓани, без разлика каде живеат.
Географската позиција и климата во нашата земја нудат одлична перспектива за користење на сончевата енергија. Просечниот број на сончеви денови изнесува 280 денови, додека годишно просечно има 1.500 сончеви саати. Климатските услови - високиот сончев интензитет и времетраење, температурата и влажноста - обезбедуваат поволни услови за успешен развој на системите за сончева енергија.
Според очекуваните заштеди за плаќање на сметките за струја кај јавните правни субјекти, инвестицијата се враќа за 7,5 години.
Реализацијата на ваквите проекти, со изградба и подобрување на инфраструктурата, го помага и овозможува вистинскиот одржлив економски, социјален и територијален развој на земјата и влијаат врз намалување на регионалните разлики во руралните средини.