Додаток на платата во висина од 3000 денари ќе добиваат младите до 23 години што се сега, или ќе бидат, вработени во производствениот сектор

Младинскиот додаток во висина од 3.000 денари месечно ќе им се исплаќа на млади вработени лица до 23 години со завршено најмалку средно образование во дејностите на производството за да го зајакнеме нивниот стандард и да ја стимулираме атрактивноста на стручните занимања за кои на пазарот на трудот во нашата земја постои нагласен интерес, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев, кој со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и со директорката на Агенцијата за вработување на Северна Македонија, Билјана Јовановска, во компанијата „Римес“ ја промовираа оваа мерка.

 
До придобивките од оваа значајна мерка за младите е усвоена на 164-та седница на Владата и до младинскиот додаток ќе имаат пристап младите кои се вработени со задолжително социјално осигурување кај работодавач или се самовработени во компании со претежна производствена дејност; младите кои што се вработени преку приватна агенција за вработување на работа кај работодавач со претежна производствена дејност, како и младите индивидуални земјоделци со задолжително социјално осигурување.

„Оваа мерка за поддршка на стандардот на младите, вклучително со поддршката за субвенционирање на придонесите во компаниите што ќе им зголемат платите на младите до 23 години до 6000 денари, значително го јакне стандардот на нашите млади граѓани. Сите овие мерки, вклучувајќи ги и мерките за стимулирање на интересот за дуално, односно стручно образование, зголемениот фонд на Оперативните мерки за вработување кои вклучуваат тренинзи и оспособување на младите за профили кои се барани на пазарот, во огромна мерка им отвора шанси за вработување на нашите млади сограѓани“, нагласи премиерот Заев во изјавата за медиумите на промоцијата, и додаде дека освен како придонес за повисок животен стандард на младите, со оваа мерка им се излегува во пресрет и на потребите на работодавачите со соодветно квалификувана работна сила, која тие ја бараат меѓу стручно образованите млади луѓе.

Со воведувањето на младинскиот додаток Владата продолжува посветено да работи на подобрување на условите за живот на сите лица во Северна Македонија, вклучувајќи ги и младите лица, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

„Ако младинскиот додаток даде позитивни резултати, во иднина ќе работиме на развој и на други вакви креативни мерки со коишто ќе го стимулираме вработувањето на младите лица. Од разговорот со домаќините во оваа производствена компанија 10% од вкупниот број вработени се млади луѓе и тоа е добро”, рече Царовска.

Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска соопшти дека младинскиот додаток ќе се доделува преку Агенцијата за вработување со едноставна постапка за апликација за мерката.

„Ги повикувам младите вработени до 23 години во производство во Агенцијата да поднесат барање и трансакциска сметка за да може да го остварат ова право. Ова важи и за новите вработувања во производствената дејност. Во целиот овој процес АВРМ ќе соработува директно со младите вработени и нема да има посредување со компаниите”, рече Јовановска.