Обраќање на ПВРСМ на „4-от Форум за културна соработка меѓу НР Кина и Земјите на Централна и источна Европа“

Почитувани Министри за култура на НР Кина и на Земјите од централна и источна Европа, Почитуван министер за Култура на Република Северна Македонија, Почитувани Заменици на министри и државни секретари,

Почитувани Екселенции г-да Амбасадори, Почитувани Дами и Господа присутни, Дозволете ми најпрво, да ги поздравам сите присутни денеска, да им се заблагодарам на организаторите, односно на Министерството за култура на Република Северна Македонија како домаќин на овој настан, и да истакнам дека ми претставува посебно задоволство да се обратам на денешниот „4-ти Форум за културна соработка меѓу Народна Република Кина и Земјите на Централна и источна Европа“.

Република Северна Македонија со богато историско и културно наследство има значајна улога во промовирање и интензивирање на културната соработка меѓу земјите на Централна и Источна Европа и Народна Република Кина.

Минатата година во Скопје беше отворен и започна со работа Координативниот центар за културна соработка помеѓу земјите на Централна и источна Европа и НР Кина, при што заложбите на овој Центар се во насока на следење, унапредување и афирмирање на меѓусебната културна соработка помеѓу Народна Република Кина и земјите од Централна и источна Европа.

Задоволство ми е да најавам дека во рамките на денешната Конференција, попладнево ќе биде претставена и веб платформата, која ќе се користи како основна алатка во работата на Координативниот центар и ќе придонесе за подобра координација на сите културни активности помеѓу земјите учесници на оваа Платформа. Воедно, очекувам истата, во иднина, да прерасне во културно информативна платформа корисна за сите заинтересирани страни од целиот свет.

Почитувани,

Уште од основањето на иницијативата 16+1, а сега веќе 17+1, Република Северна Македонија имаше активна и конструктивна улога во остварувањето на целта да се унапредува соработката меѓи Кина и земјите од Централна и источна Европа.

Во таа насока, би сакал да нагласам дека во целиот изминат период, ние силно ја поддржувавме оваа иницијатива и веруваме дека во иднина постои голем потенцијал таа уште повеќе да се унапреди  што ќе донесе нов бизнис и економски потенцијал за меѓусебна соработка, како и реализација на проекти во различни области.

Инаку, во однос на билатералната соработка меѓу Република Северна Македонија и Народна Република Кина, треба да се каже дека двете земји имаат добри политички односи кои позитивно влијаат на јакнење на економската соработка меѓу двете земји.

Би сакал да истакнам дека во изминатите неколку години Народна Република Кина редовно се појавува на листата на топ 10 земји со кои Република Северна Македонија има најголем обем на трговија, рангирајќи се на седмото место во 2018 година.

Сепак, би сакал да истакнам дека сè уште има доволно простор и можности за натамошно унапредување на соработката во сите област, особено во економската соработка, трговската размена и инвестициите, но и во делот на културната соработка.

Токму во однос на културната соработка, сакам да нагласам дека големо е задоволството да се присуствува на овој значаен настан, со кој отвораме ново поглавје во меѓународната културна соработка.

Оваа Иницијатива претставува извонредна можност за сите нас, без оглед на нашата големина и ресурси, да се вклучиме и сите заедно да придонесеме за унапредување на нашите врски, како на билатерален така и на мултилатерален план.

Културата и понатаму останува една од ретките отворени врати, сила која обединува и успева да ги надмине границите и поделбите, да ги негува и промовира различностите во секој аспект.

Дами и господа,

Живееме во време кога сите се соочуваме со многу предизвици кои бараат фокус и работа насочена кон создавање можности за економски развој и услови за подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Република Северна Македонија конзистентно работи на исполнувањето на потребните реформи на патот за влез во Европска Унија, и скорешното членство во НАТО.

Воедно, Владата продолжува со активности насочени кон подобрување на деловната клима, што влијае на економскиот раст, развојот на приватниот сектор и нови можности за вработување.

Почитувани присутни,

Дозволете ми уште еднаш да го изразам задоволството од одржувањето и од Вашето  учество на овој значаен Форум.

Убеден сум дека усвојувањето на заедничката Декларација од Скопје, со која се повторува и се истакнува заложбата за понатамошно зајакнување и придонес за поефикасна соработка во областа на културата, ќе ја поттикне и соработката и во сите други клучни теми од иницијативата за подлабоки врски меѓу земјите од Централна и Источна Европа и Народна Република Кина.

Ви благодарам за вниманието.