Владата на Република Северна Македонија на својата денешна седница донесе одлука да се издвојат 6 милиони денари како првична финансиска поддршка за санирање на последиците од земјотресот во Република Албанија.
Како дополнување на помошта за Албанија, кон оваа земја веќе се упатени и тимови за спасување составени од 30 стручни лица кои ќе учествуваат во акциите за спасување и прва помош за граѓаните во настраданите подрачја.
Во оваа првична помош е вклучен и посебен тим со механизација која ќе се ангажира во координираните акции за спасување.
Владата на Република Северна Македонија на својата редовна 167 седница го утврди Предлог-законот за стратешки инвестиции во Република Северна Македонија – за проекти од јавен интерес, што е во согласност со регулативата на ЕУ за вакви инвестиции.
Целта на овој закон е поттикнување, привлекување и создавање услови за спроведување на стратешките инвестиции во Република Северна Македонија, зголемување на економски пораст, вработување и примена на нови технологии и иновации, зголемување на конкурентските економски можности на Република Северна Македонија, зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит и подобрување на добросостојбата и условите за живеење на граѓаните на Република Северна Македонија.
Во текстот што го предлага Владата за стратешки инвестициски проекти ќе се сметаат проекти со кои се врши реализација на инвестиција во висина од најмалку 100 милиони евра на територија на Република Северна Македонија, најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, и најмалку 30 милиони евра во општини со седиште во село.
Предложените стратешки инвестиции, кои на предлог на Владата ќе ги усвојува Собранието на Северна Македонија, мора да бидат усогласени со стандардите за животна средина утврдени во законите на земјата и тоа за проекти за енергетиката со инфраструктурата; транспорт и телекомуникации; туризам; преработувачка индустрија; земјоделство, шумарство и водостопанство; прехранбена индустрија; здравство; индустриски и технолошки паркови; управување со отпадни води и отпад; информатичко-технолошки зони; спорт, наука и образование, како и за градење на големи мултифункционални градежни комплекси на градежни објекти кои имаат во својот состав повеќе од една од наведените области.
На денешната седница министрите во Владата го усвоија Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште кој има за цел на подобар и поефикасен начин да се уреди управувањето и располагањето со градежното земјиште.
Дел од новите решенија во предлог законот утврдуваат дека отуѓувањето на градежното земјиште сопственост на државата по пат на електронско јавно наддавање ќе се врши само на уредено градежно земјиште и ќе содржи дополнителни конкретни податоци кои ќе допринесат за подобро запознавање на купувачите со нивните права и обврски во иднина. Договорите за купопродажба на градежно земјиште по пат на јавно наддавање во целост ќе ги содржат сите предвидени податоци од Објавата за отуѓување на градежно земјиште по пат на јавно наддавање, за да се придонесе за постабилен пристап во евентуалните судски спорови.
Со новиот предлог закон градежно земјиште во сопственост на државата, се заокружува процесот на децентрализација во поглед на вршењето на работите на општините, општините во град Скопје и градот Скопје, и се олеснува процесот за располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија.
Владата на денешната седница усвои три закони со кои ќе се обезбедат финансиски средства за финансирање на крупни капитални проекти како Програма за наводнување на Северна Македонија која опфаќа рехабилитација и проширување на 4 системи за наводнување по долината на реката Вардар (Страиште, Лисиче, Коњско и Пепелиште), како и изградба на мали хидро централи на ХС Лисиче и Пречистителна станица за отпадни води-Скопје.
Вкупната инвестициона вредност на Програмата за наводнување на Северна Македонија изнесува 110,7 милиони евра. За програмата за наводнување на Северна Македонија предвидени се средства преку заем од Владата на СР Германија, преку КфВ, во износ од 80 милиони евра, грант средства од Владата на СР Германија во износ од 2,8 милиони евра и учество на Владата на Република Северна Македонија во износ од 27,9 милиони евра.
На предлог на Министерството за финансии, Владата денеска го утврди текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка, со кој, меѓу другото, ќе се изврши појаснување, допрецизирање и олеснување што произлегуваат од одредбите од Законот кои се однесуваат на: непризнаените расходи, правото на даночен кредит за одредени зголемувања на даночната основа, како и за работи кои се однесуваат на граѓанските непрофитни организации.
Владата на Република Северна Македонија донесе одлука да се формира работна група составена од заменик министерот за култура, Владимир Лазовски, државниот секретар во министерството за култура, Валмир Азири и директорката на Македонски народен театар, Симона Угриновска.
Владата ја задолжи работната група до претседателот на Владата, Зоран Заев, да достави извештај за начинот на кој е одобрена и спроведена организацијата на настанот Прослава на 30 годишнината од постоењето на навивачката група „Шверцери“ во Националната Установа Македонски народен театар, во кој треба да биде содржана и детална информација за евентуалната штета на инвентарот.
Владата денеска ја усвои предложената информација во врска со начинот на функционирање на мобилната лабораторија за испитување на квалитет на течни горива (нафта и нафтени деривати), и ги задолжи Бирото за метрологија и Државниот пазарен инспекторат да склучат договор за уредување на меѓусебните односи за начинот на користење и функционирање на мобилната лабораторија за испитување на квалитет на течни горива и за степенот на емисија на штетните гасови што произлегуваат од нивното согорување, и колку што можно побргу мобилната лабораторија да биде ставена во функција.