Со цел унапредување на спортските политики и улогата на државата во спортот и спортот во државата, со фокус на елиминирање на сите девијантни појави во спортот како допингот, хулиганството, насилството и криминалот, денеска во Владата се одржа конференцијата „Спортот за државата, државата во спортот“, во организација на Асоцијацијата на спортски новинари, Македонскиот Олимписки Комитет со поддршка од Агенција за млади и спорт.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев ја отвори конференцијата и истакна дека му претставува посебна чест што се обраќа на настан посветен на спортот, уште повеќе што е организиран во Владата, којашто како ниту една претходно, го поддржува спортот, физичкото образование и зголемувањето на бројот на младите и граѓаните кои спортуваат.
„Активно спроведуваме политики во таа насока. Како никогаш досега, покрај постоечките финансиски средства, Владата во 2020 година вбризгува дополнителни четири милиони евра за развој на македонскиот спорт преку модифициран и приспособен ваучерски систем, со што вкупната финансиска поддршка ќе изнесува 10 милиони евра“, рече премиерот Заев и направи апел до сите бизнисмени и приватни компании во државата да ја искористат можноста да си купат ваучер наместо да платат данок на добивка до 50 проценти од својата добивка, за да го помогнат спортот со пари што инаку повторно ќе ги платат во државниот буџет.
Како клучен проект во делот на спортската инфраструктура, премиерот Зоран Заев ја истакна изградбата на Домот на спортови во општина Аеродром.
„Таму сме во напредна фаза. Му се радуваме на тоа што го создаваме и останува за векови на нашиот македонски спорт. Од годинава тандем наставници предаваат физичко во прво одделение и сукцесивно до петто одделение, како што е предвидено и со Законот. Реформата „тандем-партнер наставници“ за да го подобриме квалитетот на наставата по физичко образование, да ги унапредиме физичките способности, моторните вештини и знаењата од областа на физичката и здравствена култура. Очекуваме и голем успех во отстранување на сколиоза и сите други видови на деформитети кои се јавуваат кај младите генерации“, рече Заев.
За решавањето на еден од најголемите проблеми со спортските сали и враќањето на салите назад кон спортистите и граѓаните, кон општините и спортските федерации, премиерот Заев рече дека со тоа се исправа децениска неправда, и по долгогодишните лавиринти и манипулации со спортските објекти, тие повторно се ставаат во функција на спортистите и граѓаните.
„Салата Кале сега ја користи кошаркарската федерација. Вратени се објектите на општина Куманово, општина Радовиш, се бараат соодветни локации за другите федерации и денови се во прашање од враќањето на салата Партизан на општина Карпош. На добар пат сме и конечно да го затвориме Јавното претпријатие за стопанисување со спортските терени и објекти“, и додаде дека со влезот во ЕУ и користењето на фондовите, спортот со сите негови елементи треба да ги достигне највисоките професионални стандарди., со што ќе бидеме рамо до рамо со најразвиените европски држави.
Во однос на надминување на насилствата, расизмот и нетрпеливоста во делот на спортот премиерот Заев рече дека треба преку спортот сите заеднички да работиме во партнерство со локалните тимови, федерации, организации и другите институции.
„Ја унапредивме и интензивиравме соработката меѓу државните институции, олимпискиот комитет и спортските федерации. Мораме сите заеднички и инклузивно да работиме со сите свои капацитети за да ги елиминираме сите девијантни појави во спортот како допингот, хулиганството, насилството и криминалот за да го ставиме спортот високо на пиедесталот на вредности“, подвлече премиерот Заев.
На крајот премиерот Заев потврди дека се прават анализи и се согледуваат најдобрите модели за да се овозможи на спортистите како најголеми амбасадори по завршувањето на кариерата да бидат третирани онака како што доликува.
„Тие се оставени на маргините на општеството, без ден работен стаж, без здравствено осигурување и најчесто без алтернативна професија и образование кое го испуштиле градејќи спортска кариера. Овие лица не смеат да бидат заборавени од општеството. Ќе го надминеме трајно и системски и ова, и нашите ветерани ќе добијат повластени услови за пензиско и здравствено осигурување и пензија, приход или плата којашто мора да биде обезбедена“, рече премиерот Заев и заокружи дека Владата и Агенцијата за млади и спорт континуирано вложува, обезбедува услови за квалитетни спортски можности и гради партнерски соработки со сите релевантни спортски федерации, институции и организации.