„Во јули имаме зголемен прилив на средства од Данокот на додадена вредност (ДДВ) за 15 милиони евра, повеќе од јули 2018 година. Во август месец имаме за 17 милиони евра поголем прилив од ДДВ и од акцизи. Септември и октомври за 20 милиони евра. Имаме 70 милиони евра поголема наплата само за четири месеци што е огромен прилив за државата и ја отстранува сивата економија“, рече премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање во врска со досега преземените економски мерки во делот на борбата со сивата економија.
Тој додаде дека и мерката за супституирање на придонесите на плати, која стартува од 1 декември е одлична мерка за отстранување на плаќањето на рака, во кеш. На вработените.
„Ќе продолжиме со новите мерки кои што ги реализираме, а тоа е меѓу први и 15-ти од идниот месец, за прв пат граѓаните добијат поврат на ДДВ и ќе бидат уште помотивирани бидејќи ќе видат дека пари се враќаат. Крајот на декември ќе биде воведена и наградната игра, утврдена со Одлука на Влада за што ќе се мотивираат и побогатите, бидејќи како мотив за барање сметки, со што се намалува сивата економија ќе имаат шанса да добијат дополнителен приход од наградите вредни илјадници евра“, оцени премиерот Заев додавајќи дека и податоците од здруженијата на Стопанските комори покажуваат дека борбата против сивата економија покажува резултати.
Тој изрази уверување дека и понатаму ќе продолжи успешното спроведување на мерките и посочи дека севкупните приходи во државата досега во делот на исполнувањето се над 7% и во такви околности, имајќи ги предвид и претседателските избори, Владата проектираше оптимален Буџет со раст на приходите од 5,6%.
„Податоците од Државниот завод за статистика, податоците од полнењето на Буџетот, податоците од сите економски параметри кои што ги гледаме, покажуваат севкупен раст и на индустриското производство, севкупен раст којшто се темели на 122% раст досега во енергетиката, 2% во интермедијарни производи освен енергија, 7% во капитални производи, трајни производи за широка потрошувачка, преработувачката индустрија 3,2%, производство на пијалоци и прехранбени производи 112,5%, производство на тутун 106%, на текстил 109,2%“, истакна премиерот Заев.
Тој информираше дека во октомври месец севкупното индустриско производство е пораснато за 4,2%, а од почетокот на годината досега севкупното индустриско производство е пораснато за 5,4%.
„Дебатата во Западна Европа е дали да е 0,5 дали 0,7% дали 1%“, рече Премиерот пред пратениците.
„Согласно сите тенденции ова и тоа како е економска година во државата. Заедно со реализирани претседателски избори во првото полугодие имаме раст од 3,6% и сегашните индикатори, ни даваат за право да очекуваме дека третиот квартал ќе биде над 3,6%. Сето тоа го таргетираме со проектирање од 3,8% раст на БДП за идната година“, рече претседателот на Владата, додавајќи дека сите податоци и полнењето на Буџетот досега и статистичките податоци и од Централната банка покажуваат дека оваа година економските резултати се одлични и дека трендот ќе продолжи.