Со фотоволтаичните системи на јавните објекти само водоводниот систем во општина Карбинци заштеди за три месеци 346.914 денари, односно сметките за струја се помали за 81% во споредба со претходните три месеци

Со цел да се зголеми енергетската ефикасност и да се обезбеди трајната заштита на животната средина, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и министерката за финансии, Нина Ангеловска денеска се обратија на промоција на Проектот за проектирање и поставување на фотоволтаични системи.

 

 

Во своето обраќање премиерот Заев истакна дека реформите во енергетскиот сектор се најтемелните и најефикасните, кои веќе и граѓаните ги чувствуваат како директни, непосредни придобивки. 

„Северна Македонија беше прогласена за „регионален шампион“ за реформи во енергетиката, од Европската Енергетска заедница. Преку новиот Закон за енергетика и со силните инвестиции во обновливи извори на енергија и гасификација, Владата го стабилизираше вртоглавиот раст на цената на струјата. Денеска, граѓаните плаќаат пониска просечна цена за киловат/час, споредено со времето на претходната влада, кога цената на струјата порасна за 100%“, рече премиерот Заев.

Тој додаде дека Владата, долгорочно и стратегиски, обезбеди регулатива и политики за максимално искористување на обновливите извори на енергија, и од тој аспект развојот на капацитетите за производство на електрична енергија што ги користат сонцето, ветерот и водите, имаа централно место во Стратегијата за енергетика на Република Северна Македонија. 

Со Проектот за проектирање и поставување на фотоволтаични системи во 36 општини и на 108 јавни објекти, не само што се зголемува производството на електрична енергија од обновливи извори, туку и се намалуваат трошоците за електрична енергија, на јавните институции и на објектите што се формирани од општините.

„Вкупниот износ на Програмата, кофинансирана од страна на Владата и ЕУ, изнесува 20,6 милиони евра. Програмата ја имплементираше Министерството за финансии, во соработка со Светската банка како посебен сегмент за ИПА рурални инвестиции во рамките на проектот за подобрување на општинските услуги“, рече премиерот Заев и објасни дека вкупната заштеда на средства за сите 108 објекти годишно може да изнесува околу 190.000 евра, и дека согласно заштедата, инвестицијата ќе се врати за 7,5 години.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска рече дека користењето на сончевата енергија од фотоволтаици забележува зголемување во целиот свет бидејќи технологиите се усовршуваат и материјалните трошоци се намалуваат. 

„Соларната енергија е примарен извор за обновлива енергија и е особено важен за неразвиените земји. Како сончева земја навистина треба да го користиме овој извор за генерирање на енергија, кој е и поефтин, па ефектите се двонасочни“, рече министерката Ангеловска.

Ангеловска ги наброи ефектите од заштедите од поставувањето на овие фотоволтаични системи и соопшти дека градинката „7 Септември“ во Пехчево, за месеците мај, јуни, јули и август 2018 има сметка за електрична енергија од 15.185 денари, додека за истите месеци оваа година сметката е 8.672 денари. Заштедата за четири месеци е 6.513 денари, односно сметките за овие четири месеци се помали за 43%, како резултат на поставените фотоволтаични системи.

Слични се заштедите и кај сите останати јавни објекти, а како позначаен е примерот на пумпната станица за водоводен систем ГЕРИЗИ, во с.Таринци, во општина Карбинци, каде што сметките за електрична енергија за периодот мај-јули од 429.326 денари лани, се симнати на 82.412 денари оваа година, или заштедата за трите месеци изнесува 346.914 денари, односно сметките за овие три месеци се помали за 81%.

На крај министерката за финансии Ангеловска рече дека подобрувањето на енергетската ефикасност не е само заложба, туку цел преточена во резултати. 

„Политиките на оваа Влада во делот на енергетиката покажуваат дека земјата е на прав пат. Донесовме регулатива во согласност со европската. Го реформиравме енергетскиот сектор. И ова не е само наша оценка. Енергетската заедница пред три години велеше дека државата потфрла во реформите и дека е во пролонгиран период на енергетски ќор-сокак. Оваа Влада покажа дека промените се случуваат како резултат на планска работа, во интерес на граѓаните“, рече министерката Ангеловска.