Премиерот Заев од отворањето на нова детска градинка: За првпат по долго време се градат близу 70 детски градинки, вложуваме во квалитетно предучилишно образование

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска денеска беа во Струмица по повод пуштањето во употреба на детската градинка во Муртино. 

 

 

Во својата изјава за медиуми, премиерот Заев истакна дека приоритет на Владата е да обезбеди услови за правилен ран детски развој, преку проширување на капацитетите на градинките и јакнењето на професионалните компетенции на кадарот, со што се гради вистински квалитетно предучилишно образование. 

 

 

„Децата се нашето богатство, нашиот силен потенцијал и грижата за нив, за нивниот ран и правилен развој е нашиот врвен приоритет, и оваа градинка го сведочи тоа. И не е само оваа градинка. За две години, на територијата на целата наша земја изградивме, или е во тек е изградбата и проектите за близу 70 градинки. Таква иницијатива, за толку кус период, не е забележана во историјата на Северна Македонија“, рече премиерот Заев.

Пред неполн месец, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска потпиша договори за грантови за изградба на нови градинки со пет општини во вкупен износ од 228.100.000 денари.

„Во новите градинки се отвора простор за 760 нови деца. За првпат по долго време во нашата држава ќе се градат вакви големи објекти, бидејќи ја препознаваме клучната улога на предучилишното образование за раст и развој на децата”, рече премиерот Заев и додаде дека се вложува и во луѓето кои ги обликуваат идните генерации преку зголемување на платите и јакнење на компетенциите на кадарот во градинките. 

„Само оваа година обезбедивме 1.400 согласности за вработувања во градинките. Почнувајќи од јунската плата којашто на поголемиот дел од вработените веќе им е исплатена, стручниот кадар во градинките доби зголемување во просек од 16% што е околу 3.000 денари во нето износ по вработен“, рече премиерот Заев и се заблагодари на партнерите, ЕУ и Светска банка кои преку Министерството за финансии ја поддржаа финансиски пренамената на овој објект од општинска зграда во детска градинка.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска рече дека само годинава во струмичкиот регион се отвораат две нови градинки, а за идната година е планирана инвестиција во уште три.

 

 

„Грижата за децата и инвестирањето во раниот детски развој е приоритет на Владата но и на локалните самоуправи. Навистина ми е драго што забрзано се подобруваат условите за престој во поголемиот дел од градинките низ земјава, посебно во руралните места кои со години беа заборавени. Министерството за труд и социјална политика продолжува посветено да инвестира во детската заштита, а со тоа вложува во иднината на секое дете и на нашата држава. За идната година во Буџетот издвоивме 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градини, а изминатите две и пол години како Влада инвестиравме над 180 милиони денари“, рече Царовска.