Со германска помош ќе се подобрува конкурентноста на македонските компании
Македонските компании во секторите текстил и облека, добавувачи на автомобилски делови и информациски технологии со германска помош во износ од 1,9 милиони евра до декември годинава ќе можат да ја подобрат меѓународната конкурентност.
Тоа им го овозможува денеска потпишаната Спогодба за спроведување на втората фаза од проектот „Унапредување на инвестициите и извозот“ меѓу македонското Министерство за економија и Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ).
Проектот се имплементира во рамките на билатералната германско-македонска развојна соработка од страна на ГИЗ по налог на германското сојузно Министерство за економска соработка и развој. Започнат е во март 2008 година и во првата фаза што се спроведуваше до декември 2009 година македонските компании имаа на располагање 600.000 евра за подобрување на конкурентноста. Покрај Министерството за економија партнери во спроведувањето се и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Кластерот за текстил и МАСИТ.
- Целта на проектот е да се подобри меѓународната конкурентност на нашите компании во секторите текстил и облека, добавувачи на автомобилски делови и ИТ индустријата, односно подготовка на софтвер каде имаме детектирано дека постои голем потенцијал за генерирање на нови работни места, инвестиции и извоз, рече министерот за економија Ваљон Сарачини по потпишувањето на Спогодбата.
Проектот, нагласи, ќе се спроведува на три нивоа - макро ниво во рамките на кое ќе се подготви Стратегија за унапредување на инвестициите и извозот, мезо ниво каде ќе се работи на зајакнувањето на капацитетот на компаниите и микро ниво кое ќе биде ориентирано на консултантски услуги, средби, организирање на меѓународни саеми, манифестиции и публикување на промотивни материјали.
- Со овој проект значително ќе се зајакне меѓународната конкурентност на нашите компании кои со помош на овие средства ќе можат да бидат поконкурентни како на домашниот, така и на меѓународниот пазар, рече Сарачини.
Директорот на ГИЗ за Македонија Михаел Небелунг истакна дека Германија ја поддржува Македонија уште од 1992 година и оти секогаш во фокусот на соработката бил економскиот развој на земјава.
- Сме ја давале нашата поддршка и во зајакнувањето на капацитетите и на Владата, а имаме и проекти за развој на регионите во Македонија, прецизира Небелунг.
Сојузна Република Германија од 1992 година до сега за Македонија издвоила 61 милон евра со кои биле поддржани повеќе области меѓу кои животната средина, одржливиот развој, децентрализацијата, демократизацијата, доброто раководење, водите, енергијата,...