Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со делегација од американската организација НДИ, предводена од Шери К.Брајан, потпретседателка на Националниот Демократски Институтот и Роберт Бенџамин, виш соработник и регионален директор за Централна и Источна Европа, придружувани од швајцарската амбасадорка во земјава, Сибил Сутер Тејада.
На средбата е пренесена голема поддршка за лидерството на премиерот Заев во воспоставувањето функционални добрососедски односи, што ги овозможи интеграциските процеси и демократскиот развој на нашата држава, од Медлин Олбрајт претседателка на Бордот на НДИ и поранешна државна секретарка на САД, како и од Дерек Мичел, претседателот на НДИ. Исто така, посебно е поздравена поддршката на премиерот Заев за независност на институцијата Собрание на Република Северна Македонија и на проектот што придонесува кон тоа и се реализира во соработка со швајцарската амбасада и со Национланиот Демократски Институт.
-Со ваша поддршка сега сме следна членка НАТО. Продолжуваме да се движиме во вистинската насока, што ја носи државава меѓу демократскиот развиен свет и носи економски придобивки за граѓаните на нашата земја. Парламентот има голема улога во тие процеси и силно ги поддржуваме механизмите за независна парламенатрна демократија. Помошта, на експертски и на финансиски план, што ја даваат швајцарската Влада и НДИ се од големо значење, за што сме сите благодарни, рече премиерот Заев.
На средбата е разговарано и за важноста на изборните реформи, што треба да го зајакнат одлучувачкиот збор на граѓаните во однос на политичките субјекти, како дел од процесот на демократизацијата на државава.