Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев вчера се обрати на предновогодишниот концерт на трите воени оркестри на Северна Македонија, Хрватска и Албанија.
Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Зоран Заев.
“Дозволете ми да ви посакам добредојде на традиционалниот предновогодишен концерт на воениот оркестар на нашата Армија, во заедништво со воените оркестри на Хрватска и на Албанија.
Сликата која ја имаме пред нас, припадници на трите Армии, заедно како едно, навистина буди емоции. Северна Македонија, Албанија и Хрватска уште пред 16 години со потпишувањето на Јадранската повелба, си подадоа рака и решија дека заедно ќе чекорат на патот кон Алијансата.
Тоа значи заедно и во добро и во лошо, и кога славиме, и кога треба да си помогнеме кога е тешко.
Северна Македонија, сите наши граѓани длабоко сочувствуваат со загубата што ја предизвика катастрофалниот земјотрес во соседна Албанија.
Дозволете ми во име на Владата уште еднаш да изразам сочувство на нашите албански пријатели за прерано загубените животи во неодамнешната катастрофа. Нашите мисли се со вас, нашата поддршка секогаш, како и вечерва, е отворена. Сите кои сме собрани тука вечерва сме сојузници и пријатели и сите сочувствуваме со несреќата на пријателскиот народ.
Убеден сум тоа ќе го покажеме со лична донација зашто неволјите полесно се надминуваат заедно.
Патот кон сојузништвото за Северна Македонија беше малку подолг, но соработката, поддршката која меѓусебно си ја дававме никогаш не изостана. Тоа е видливо и денеска, кога конечно ја исполнуваме целта – трите земји, заедно, посилни, сојузници во НАТО – Алијансата.
Оваа година сум особено горд зашто за нас, нашата држава, нашите граѓани таа година е историска. Вечерва со „Звуците на соработката“ одбележуваме неколку значајни датуми за Северна Македонија кои не водат кон „Звукот на Алијансата“. Шести февруари, кога беше потпишан пристапниот протокол за НАТО, 8 февруари кога беше изгласана првата ратификација на протоколот, помалку од една недела подоцна, на 13 и 14 февруари, кога за прв пат седнавме на масата на Алијансата.
Албанија го ратификуваше протоколот на истиот датум, на 14 февруари, а веднаш потоа меѓу првите и Хрватска, на 1 март. На 4 декември за прв пат учествувавме на лидерски самит на НАТО. Тоа се историски датуми, историски моменти кои засекогаш ќе бидат запишани.
Сето тоа го постигнавме со голема храброст, со одлучност, со посветеност. Со голема поддршка од нашите пријатели, а особено од нашите соседи.
Убеден сум дека исто како и на теренот во Криволак, исто како за време на сите заеднички вежби и обуки, така и денеска, на културната сцена, ќе покажеме дека функционираме хармонично, дека дишеме како едно. Дека сме посилни и помоќни заедно.
Да уживаме во звуците на светските автори и композитори, интерпретирани од докажаните професионалци, воени музичари.
Ви посакувам пријатни мигови и да уживаме во „Звуците на соработката, звуците на Алијансата“
Благодарам.”