На барање на градежниците и граѓаните продолжен рокот за аплицирање за „Купи куќа, купи стан“
Владата го продолжи рокот за поднесување апликации за проектот „Купи куќа, купи стан“ за три месеци, односно до 31 мај годинава. Ова го соопшти денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески кој додаде дека новина е и што на месечна основа ќе се одобруваат барањата за субвенциониран кредит, како и тоа дека кај доградбите нема да треба да се врши пренос на сопственост од родител на дете туку само со право на градење кај нотар ќе може да се поднесе барање за субвенциониран кредит.
- На овој начин Владата им излезе во пресрет на граѓаните кои покажаа голем интерес за поднесување апликации, како и на иницијатива на градежниот сектор, кој побара пролонгирање поради лошите временски услови и на времетраењето на постапките за комплетирање на потребната документација која се доставува до деловните банки, изјави Ставрески.
Тој додаде дека ќе се врши на месечна основа одобрувањето со цел да се забрза постапката, односно да се скрати времетраењето за одлучување за барањата и за граѓаните побрзо да може да ја реализираат постапката, односно да го добијат станот, а и на градежните компании да не им бидат врзани становите.
Во првиот циклус, кој ќе трае до крајот на мај, на четири наврати ќе се одобруваат барањата доставени до банките. За тоа дали ќе има втор циклус, министерот потенцира дека тоа ќе зависи дали ќе се искористат средствата предвидени во буџетот во овој прв циклус.
- Ако во овој прв циклус се искористат целосно тогаш оваа година, зависно од состојбите во буџетот, ќе оцениме дали има можност да се одвојат дополнителни средства. Следните години ќе има дополнителни средства со сигурност, рече министерот.
Кредитот, како што истакна, со банките е договорено да може предвреме да се исплати без провизија, но оти во овој случај се враќа субвенцијата со цел тие средства да се искористат за други граѓани на кои им се потребни, бидејќи таргет група се граѓани кои немаат доволно финансиска моќ да дојдат до сопствен стан.
За доградбите посочи дека има два услова за учество во проектот, а тоа е да се решава по првпат станбеното прашање и дека ќе може да се учествува само со договор за пренос на правото на градење од родител на дете. За тоа колкав е интересот посочи дека проектот е на самиот почеток и оти ќе има повеќе информации кога ќе се заврши постапката.
- Не е завршена ниту првата фаза. Тој е долгорочен. Ќе трае четири години и прерано е да се зборува за тоа колку граѓани во оваа фаза аплицирале. Кога ќе заврши постапката можеби некаде на есен ќе може да информираме целосно, истакна министерот.
Апликациите може да се поднесат во осумте банки учеснички во проектот НЛБ Тутунска, Стопанска банка - Скопје, Охридска, Шпаркасе, ТТК банка, Алфа банка, Стопанска банка Битола и Прокредит банка.