Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски се обратија на настан за отпочнување на работите за изградба на нов Оддел за крим-техника и форензички лаборатории.
Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Заев.
„Денеска навистина задоволството е заедничко и јас со големо задоволство ја прифатив поканата за отпочнување на работите за изградба на новиот Оддел за крим-техника и форензички лаборатории.
Со овој настан се отвора нова страница во историјата на службата за криминалистичка техника во нашата држава.
Со изградбата на овој објект конечно се унапредуваат условите за работа на крим-техничките работници во нови лабораториски и канцелариски простории. Го фаќаме чекорот со современите постапки во оваа сфера и нивната хармонизација со најдобрите европски практики и стандарди.
Уверен сум дека оваа инвестиција ќе даде голем придонес во правосудниот систем во нашата држава, бидејќи услугите кои ги нудат форензичките лаборатории се клучни во сите постапки на судовите и обвинителствата.
Придобивките од условите кои ги нуди новиот објект ќе имаат најповеќе граѓаните, како крајни корисници на услугите. Модерната форензика ќе биде од придонес за поголема ефикасност и ефективност на судските постапки со навремено, квалитетно и стручно спроведување на потребните анализи и вештачења.
Овој, историски момент за нашата форензичка служба, се поклопува со уште еден друг многу важен процес кој се спроведува во Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења, а тоа е акредитацијата на форензичките лаборатории.
Системот за квалитет кој е имплементиран во овие лаборатории е успешно унапреден согласно барањата на новата верзија на ИСО стандардите од страна на Институтот за акредитација на Република Северна Македонија.
Инвестицијата, вредна вкупно 3 милиони евра и нешто повеќе, е во рамките на ИПА програмата и вклучува изградба на нови простории за Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења, вклучувајќи и форензички лаборатории.
Во оваа прилика ве охрабрувам и понатаму да влегувате во нови инвестиции. Владата и институциите остануваат ваш партнер во унапредувањето на професионалните услови за работа и нивно усогласување со европските и меѓународните стандарди.
Сакам да се заблагодарам на даночните плаќачи од ЕУ, преку нивното плаќање на даноците овозможија директно ЕУ да продолжи да ни помогне токму преку овој прекрасен проект, што дефинитивно значи зајакнати капацитети и стандарди, не само на МВР туку и татковината наша, на Република Северна Македонија.
На вработените им посакувам брзо дочекување на изградбата, до крајот на 2020 година е нашиот репер на реализација. Верувам дека овде ќе исполниме децениски очекувања на многу вработени, наши граѓани, експерти и стручни луѓе кои во модерни стандарди и услови ќе можат да испорачуваат квалитетни услуги за граѓаните, пред се на судството и обвинителството.
Нека е со среќа изградбата и со лесно.“