Средба на министерот Бејта со министерката за интеграции на Република Албанија, Брегу
Министерот за локална самоуправа Невзат Бејта денеска во рамки на неговата посета на Тирана, се сретна со албанската министерката за интеграции на Република Албанија, Мајлинда Брегу.
На средбата, соопшти Министерството за локална самоуправа, Бејта во име на Владата на Република Македонија и Министерството, изрази сочувство на албанската Влада и албанскиот народ за загинувањето на албанскиот војник во Авганистан.
Министрите Бејта и Брегу разговараа за теми кои се однесуваат на проектите кои ги поврзуваат двете држави како и за користењето на средствата од ИПА програмата за меѓугранична соработка.
Брегу истакна дека Албанија и Македонија имаат многу добри билатерални односи и го поздрави придонесот на Албанците во Владата на Македонија за евроатлантските процеси.
Во врска со меѓуграничната соработка, министерката Брегу рече дека Албанија ќе и помогне на Македонија, со цел соработката меѓу двете држави да биде поуспешна. Министерот Бејта по средбата со министерката Брегу, посочи дека користењето на ИПА фондовите од втората компонента, има значајно место во меѓуграничната соработка.
Бејта и Брегу констатираа дека во иднина ќе се ангажираат средствата од ИПА програмата 2, да се користат за реализирање на покрупни проекти што ќе бидат во интерес на двете држави, стои во соопштението.