Честитки од премиерот Спасовски до премиерот Санчез и до канцеларот Курц за повторните избори на позициите со благодарност за поддршките од Австрија и Шпанија за интеграциите на нашата држава

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, испрати писма со честитки до Себастијан Курц за повторниот избор на функцијата сојузен канцелар на Република Австрија, како и до Педро Санчез за повторниот избор за премиер на Кралството Шпанија.

Во честитките, премиерот Спасовски им посака на канцеларот Курц и на премиерот Санчез успеси во нивните натамошни професионални ангажмани и го нагласи значењето на добрите односи на нашата држава со Австрија и со Шпанија.

Премиерот Спасовски, во честитката до премиерот Санчез понатаму наведе:

„Изразувам благодарност за поддршката којашто Шпанија целосно и континуирано ѝ ја дава на Република Северна Македонија на патот на европската и евроатлантска интеграција. Уверен сум дека претстојната засилена соработка во рамките на НАТО, во улога на формални сојузници и партнери во Алијансата, ќе придонесе за зацврстувањето на безбедноста и стабилноста како на нашиот регион така и на Европа. Верувам дека со заемни залагања и ангажмани, во претстојниот период, ќе придонесеме и кон натамошно јакнење на нашето пријателство и соработка“.

Во честитката до канцеларот Курц, премиерот Спасовски напиша:

„Изразувам подготвеност за натамошна соработка со цел дополнително унапредување на билатералните односи меѓу нашите две земји, во духот на пријателството и меѓусебното разбирање. Ја искажувам нашата благодарност за досегашната цврста поддршка од Австрија на патот на интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската унија, со надеж дека соработката на овој план и во иднина ќе продолжи со несмален интензитет, како и досега“.