Владата на Република Северна Македонија денеска го промовираше јавниот повик за доделување концесија за изградба на хидроелектрични централи на Црна Река, односно за изградба на хидроелектричната централа Чебрен. Во оваа пригода во присуство и на министерот за животна средина Насер Нуредини, се обратија премиерот Оливер Спасовски и генералниот директор на АД Електрани на Северна Македонија, Васко Ковачевски.
Премиерот Спасовски истакна дека Владата го трасира патот на енергетската транзиција со изградба на капацитети со доминантно производство на електрична енергија од обновливи извори и дека заедно со Електрани на Северна Македонија, создаваат стабилна и сигурна енергетска иднина за земјата и за граѓаните.
Со оглед на тоа што во сите држави во регионот инвестициите во обновливи извори на енергија се зголемуваат, оваа хидроцентрала со својот капацитет ќе биде од огромно значење за балансирањето на електроенергетскиот систем на Република Северна Македонија и со своите услуги ќе биде значаен партнер во секундарната и терцијалната регулација и на регионалниот пазар.
„Јавниот повик се однесува на пројавување на интерес на заинтересирани компании кои ќе сакаат да го изградат ХЕЦ Чебрен во соработка со АД ЕСМ, преку моделот на јавно приватно партнерство. Од информациите што ги добив денес, веќе седум странски компании побарале да ја подигнат претквалификациската документација која во оваа фаза е бесплатна“, информираше Спасовски.
Во оваа пригода премиерот потсети на важноста на Стратегијата за развој на енергетиката, која претходната Влада во 2015 година, иако имаше законска обврска, не ја донесе. Не го донесе ниту законот за енергетика усогласен со третиот пакет на ЕУ Директиви, како ни законот за енергетска ефикасност. Токму поради тоа имавме неколку спорови пред Секретаријатот на енергетската заедница.
„Претходно, по налог на поранешната Влада, државните енергетски компании инвестираа во фасади, жичари и рајски паркови, а цената на електричната енергија ја зголемија за скоро 100%. Владата на СДСМ и коалицијата покажа дека работи домаќински. Енергетските компании ЕСМ и МЕПСО инвестираат во сериозни енергетски проекти кои обезбедуваат подобра и сигурна енергетската иднина на Република Северна Македонија“, подвлече премиерот.
Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски истакна дека Чебрен беше предизвик години наназад за експертите во енергетиката, архитектурата, градежништвото и предизвик за државата за спроведување на овој голем проект во дело.
„Во план е Чебрен да биде јавно-приватно партнерство, во кое ЕСМ ќе биде јавниот партнер во име на државата. Проценките се дека изградбата ќе чини најмногу 570 милиони евра, средства кои ќе треба да ги обезбеди приватниот партнер. Хидроелектраната ќе има инсталирана моќност од 333 мегавати и годишно производство од 1000 гигавати електрична енергија. Наша обврска е изградбата на пристапниот пат до хидроцентралата и потоа приклучокот, односно трафостаницата. Како наш удел во новата заедничка компанија со приватниот партнер ќе биде внесена ХЕЦ Тиквеш, која е на истиот слив, односно на Црна Река и единствено можно е двете хидроцентрали, Чебрен и Тиквеш да функционираат во една целина бидејќи зафаќаат вода од исто течение и си влијаат една на друга“, информираше Ковачевски.
Во контекст на енергетската трансформација и чистите извори на електрична енергија, директорот на ЕСМ изрази оптимизам дека Чебрен ќе овозможи во иднина да сe намалува производството на електрична енергија од јаглен, и постепено да се замени со производството од оваа голема хидроелектрана.
„За споредба, цело ЕСМ денес произведува 4000 гигавати годишно. Кога Чебрен ќе почне да работи, годишната редукција на јаглерод диоксид ќе се намали за 913 илјади тони помалку, бидејќи 1000 гигават часови електрична енергија нема да се произведат од јаглен, туку од вода“, подвлече Ковачевски.
Тој најави дека заинтересираните компании ќе можат да се јават на јавниот повик до трети април, а тековните испитувања на пазарот на компании, спроведено од страна на Меѓународната финансиска корпорација, која е дел од Светска Банка, покажа дека сериозни компании од регионот и Европа се заинтересирани за изградба на Чебрен.
Спасовски за јавниот повик за изградба на ХЕЦ Чебрен: Го трасираме патот на енергетската транзиција со доминантно производство на електрична енергија од обновливи извори
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија се обрати на прес- конференција по повод распишувањето јавен повик за изградба на хидроелектрана Чебрен.
Во прилог на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Спасовски во целост:
Владата на Република Северна Македонија го трасира патот на Енергетската транзиција со изградба на капацитети со доминантно производство на електрична енергија од обновливи извори.
Заедно со Електрани на Северна Македонија, создаваме стабилна и сигурна енергетска иднина за земјата и за граѓаните.
Денеска го промовираме јавниот повик за доделување концесија за изградба на хидроелектрични централи на Црна Река, односно за изградба на хидроелектричната централа Чебрен.
Минатата година Владата на Северна Македонија во соработка со Меѓународната финансиска корпорација, која е дел од Светска Банка, настојуваше овој проект повторно да се стави на мапата на значајни можности за инвестиции во енергетска инфраструктура во нашата земја.
Како дел од Меморандумот за соработка, беше изработена нова студија со новите можности на пазарот на електрична енергија, кој овој проект го прават по-профитабилен во споредба со претходниот период. Беа направени анкети за интересот на компаниите за реализација на овој проект, и се утврди нагласен интерес кај енергетските компании од Европа и пошироко.
Имајќи во предвид дека во сите држави во регионот инвестициите во обновливи извори на енергија се зголемуваат, оваа хидроцентрала со својот капацитет и функција ќе биде од огромно значење за балансирањето на електроенергетскиот систем на Република Северна Македонија, и со своите услуги ќе биде значаен партнер во секундарната и терцијалната регулација и на регионалниот пазар.
Јавниот повик се однесува на пројавување на интерес на заинтересирани компании кои ќе сакаат да го изградат ХЕЦ Чебрен во соработка со АД ЕСМ, преку моделот на јавно приватно партнерство.
Од информациите што ги добив денес, веќе 7 странски компании побарале да ја подигнат претквалификациската документација која во оваа фаза е бесплатна.
Претходната недела од страна на АД ЕСМ беше објавен и јавен повик за изградба на две фотонапонски електрани на местото на рудникот за јаглен во РЕК Осломеј, со вкупен инсталиран капацитет од 100 MW.
Во претходната година успешно се спроведоа две постапки за доделување на премиуми за изградба на фотонапонски електрани на државно и приватно земјиште за вкупен капацитет од 62 MW. Најголемиот дел од овие електрани нема воопшто да користат субвенции од државата.
Владата на Република Северна Македонија на крајот на 2019 година ја донесе и Стратегијата за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2040 година, која е изработена врз основа на 5 те столба на енергија и клима на Европската Унија и како таква е поздравена од Секретаријатот на енергетската заедница во Виена.
Оваа недела стапи на сила новиот Закон за енергетска ефикасност, кој комплетно е во согласност со најновите ЕУ Директиви.
Претходната недела АД МЕПСО ги потпиша договорите за изградба на интерконективниот далекувод помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија со што значително ќе се зголеми сигурноста во снабдување и стабилноста на електроенергетскиот систем на Република Северна Македонија.
Министерството за економија го објави и јавниот повик за развој на дистрибутивната мрежа за гас во Република Северна Македонија, со што граѓаните и компаниите се стекнуваат со уште една опција која можат да ја користат како енергенс по значително поевтини цени.
Сакам да ги потсетам граѓаните, дека претходната Влада, во 2015 година, иако имаше обврска по закон, не ја донесе Стратегијата за развој на енергетиката. Не го донесе ниту законот за енергетика усогласен со третиот пакет на ЕУ Директиви и не го донесе законот за енергетска ефикасност. Токму поради тоа имавме неколку спорови пред Секретаријатот на енергетската заедница.
За само две и пол години оваа Влада, направи комплетен пресврт во својата енергетска политика.
Претходно, по налог на поранешната Влада, државните енергетските компании инвестираа во фасади, жичари и рајски паркови, а цената на електричната енергија ја зголемија за скоро 100%.
Владата на СДСМ и коалицијата покажа дека работи домаќински. Енергетските компании ЕСМ и МЕПСО, инвестираат во сериозни енергетски проекти кои обезбедуваат подобра и сигурна енергетската иднина на Република Северна Македонија.
За разлика од претходната Влада која сама себеси се фалеше за своите “успеси“ во енергетската политика, оваа Влада ја фалат релевантни меѓународни институции, кои во своите извештаи нагласуваат дека Република Северна Македонија е шампион во спроведување на енергетските реформи.