Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски и членовите на владината делегација, министерката за финансии Нина Ангеловска и министерот за економија Крешник Бектеши, во рамките на работната агенда на еднодневната работна посета на Лондон по повод учеството за Самитот за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), оствари средба со претседателот на ЕБОР, Сума Чакрабарти, на која присуствуваше и директорката на ЕБОР за Југоисточна Европа, Шарлот Руе.
На средбата заеднички беше констатирано големото задоволство од досегашната соработка, а од страна на ЕБОР беше најавена нивната намера да иницираат потпишување на меморандум за соработка за поддршка на ЕБОР на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.
„Го поздравуваме ангажманот на ЕБОР во подржување со финансиски средства на нашите напори за успешно исполнување на потребните критериуми и приближување кон ЕУ. Очекуваме дека оваа поддршка ќе продолжи“, истакна претседателот на Владата Спасовски, и додаде дека главниот приоритет на владите од регионот е да го забрзаат економскиот раст на земјите од регионот, како и на регионот во целина.
Премиерот Спасовски изрази благодарност за поканата за учество на инвестицискиот самит на ЕБОР, што претставува чин на континуираната и силна поддршка на банката за подигање на стандардот и за унапредување на квалитетот на животот на граѓаните на Северна Македонија.
Како придобивка од соработката со ЕБОР економскиот напредок на земјата и создадената позитивна клима за странски инвестиции што беше потврдено и со највисокото ниво на инвестиции во 2018 и 2019 година кога достигнаа вредност од 740 милиони евра.
„Поддршката на ЕБОР, во координација со владините економски политики за раст го поттикна и растот на индустриското производство во земјата за 8% од формирање на оваа влада, што поттикна раст на компаниите и отворање на нови работни места со што стапката на невработеност се намали за 9%, што историски рекорд за земјата“, рече премиерот Спасовски на средбата со највисоките функционери на ЕБОР во Лондон.
На средбата на владината делегација на Северна Македонија во ЕБОР во Лондон, беше потенцирано дека главни области во кои се очекува поддршката од банката во насока на зајакнување на економските реформи се јакнење на капацитетите на човечкиот капитал со мерки за зголемување на родуктивноста и инвестициите во образованието, како и поддршка на конкурентноста на компаниите за рамноправно учество на глобалните пазари.
Како приоритетни области за заедничка соработка и поддршка остануваат финансирањето на големите инфраструктурни проекти, инвестиции во обновливи извори на енергија и гасификацијата, како и поддршката на зелената економија, односно на давањето предност на незагадувачките и енергетски ефикасните индустрии, како и придобивките од четвртата индустриска револуција, односно дигитализацијата на услугите за зголемена ефикасност на ресурсите.