Премиерот Спасовски на потпишувањето на меморандумите за проектот за „Изградба и рехабилитација на локални патишта”: 70 милиони евра за сите општини и за градот Скопје како доказ за грижата за граѓаните и за поддршка на локалните заедници

Седумдесет милиони евра ќе им бидат распределени на сите 80 општини за изградба и санација на локални патишта и улици, како и на друга патна инфраструктура во единиците на локалната самоуправа. Со оваа директна помош Владата ќе овозможи сите општини да се стекнат со можност да добијат од 500.000 до 2 милиони евра, во зависност од проектот со кој ќе аплицираат.

Ова беше денеска истакнато на свечената церемонија на потпишување на меморандумот за соработка со сите општини и Град Скопје, на која покрај градоначалниците и претставниците на општините и на Град Скопје, и извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, присуствуваа и носителите на проектот, министерот за транспорт и врски Горан, Сугарески, министерката за финансии, Нина Ангеловска, како и претседателот на Владата, Оливер Спасовски и заменичката претседателка во Владата задолжена за економските ресори, Мила Царовска.

Во своето обраќање премиерот Спасовски истакна дека со овој настан се отпочнува процес за една голема сезона на изградба и ревитализација на локалната патна инфраструктура ширум нашата земја.

„Оваа Влада покажа цврсто определеност да овозможи рамномерен регионален развој и еднакви можности за квалитетен живот за сите наши граѓани, без разлика дали живеат во град, село или мало населено место. Токму затоа го покренавме овој проект за „Изградба и рехабилитација на локални патишта”, а за неговата оправданост и неопходност говори и самиот факт, дека Светска банка ни одобри заем во висина од 70 милиони евра. Во изминатите две и пол години Владата покажа дека се грижи за граѓаните, а прикажа и цврста определеност да ја поддржи локалната заедница“, нагласи премиерот Спасовски.

Во обраќањето претседателот на Владата Спасовски наведе дека Република Северна Македонија е географски мало подрачје и дека инфраструктура е предуслов граѓаните брзо да комуницираат и соработуваат меѓу себе.

„Времињата на стиропор фасадите и бесмислените објекти се зад нас. Владата направи пресврт во приоритетите и преку овој проект се овозможува зголемена мобилност на граѓаните со реконструкција на постоечките и изградба на нови локални патишта, се подобрува безбедноста на патиштата преку санирање на црни точки, поставување хоризонтална и вертикална сигнализација, осветлување и т.н. Исто така овој проект во својата реализација предвидува поширока општествена одговорност како што се обуки за жени превозници, преквалификација на лица за работни активности поврзани со транспорт и друго“, подвлече премиерот Спасовски.

Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска истакна дека во изминатиот период, Владата покажа волја и посветеност за рамномерен регионален развој во државата, со што се обезбедуваат подобри услови за живот за сите граѓани во Република Северна Македонија.

„Покажавме дека како Влада градиме по план, со што допринесуваме за подобра поврзаност на сите населени места меѓу себе, но и поврзаност со клучните коридори кои се врската на земјата со странство. Квалитетната инфраструктура е многу значајна за економски раст и развој, и е едно од клучните барања како на бизнисот, така и на граѓаните. Еден од овие процеси е градењето на нова и санација на постојната инфраструктура, особено во деловите од земјата коишто со години беа заборавени и запоставени. Сигурна сум дека овој проект ќе биде успешна приказна со кој ќе се подобри квалитетот на животот на сите граѓани“, подвлече вицепремиерката Царовска.

Министер за транспорт и врски, Горан Сугарески информираше дека со проектот е предвидена изградба и санација на локални патишта и улици во општините со вкупна должина од околу 450 километри.

„Висината на распределените средства е различна за секоја општина и е утврдена согласно методологија воспоставена заедно со Светска банка. Како критериуми земени се бројот на население, бројот на населени места во општината, површина на општината и бројот на регистрирани моторни возила во општината. Според вака утврдената методологија, на секоја општина на располагање и стојат од 500 илјади евра до 2 милиони евра и тоа зависно од висината на спомнатите критериум“, наведе министерот Сугарески.

Тој информираше дека со проектот посебен акцент ќе се стави на зајакнување на капацитетите на општинската администрација, но и на општествената одговорност преку времено вработување, учество во обуки и преквалификација на жени.

Секој денар вложен во инфраструктурата, се враќа четирикратно во економијата, истакна министерката за финансии, Ангеловска и посочи дека подобри патишта значат раст на транспортот, на трговијата, на туризмот, но пред сѐ, значат подобри услуги за граѓаните во земјава.

„Преку Проектот за подобрување на општинските услуги кој Министерството за финансии го спроведува со поддршка на Светска банка, обезбедуваме проектна документација за општините за изградба по 3 километри локални патишта. Проектната документација е финансирана со грант средства преку МСИП во износ од 1,1 милион евра и со овој грант ќе се обезбеди проектна документација за 78 општини, односно сите општини кои имаат побарано. Досега е изготвена проектна документација за повеќе од половина од општините, односно за 45 општини, додека до крајот на март на сите општини ќе им биде предадена проектната документација“, рече Ангеловска.


Премиерот Спасовски на потпишувањето на меморандумите за проектот за „Изградба и рехабилитација на локални патишта”: 70 милиони евра за рамномерен регионален развој и еднакви можности за квалитетен живот за сите наши граѓани

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски денеска се обрати на церемонијата по повод потпишувањето на меморандумите за соработка со сите општини и Град Скопје во рамките на проект за „Изградба и рехабилитација на локалните патишта”.

На свеченоста на која присуствуваа и заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за економски прашања Мила Царовска, министер за транспорт и врски Горан Сугарески, министерката за финансии Нина Ангеловска, извршниот директор на ЗЕЛС, Душица Перишиќ и градоначалниците и претставниците на локалната самоуправа.

Во продолжение на ова соопштение, во го пренесуваме обраќањето на премиерот Спасовски во целост:

Ми претставува особена чест денеска да присуствувам на потпишувањето на меморандумите за соработка со сите општини во Република Северна Македонија и Град Скопје.

Со овој настан се отпочнува процес за една голема сезона на изградба и ревитализација на локалната патна инфраструктура ширум нашата земја, со што продолжува остварувањето на проектот „Северна Македонија без кал“.

Оваа Влада покажа цврсто определеност да овозможи рамномерен регионален развој и еднакви можности за квалитетен живот за сите наши граѓани, без разлика дали живеат во град, село или мало населено место.

Токму затоа го покренавме овој проект за „Изградба и рехабилитација на локални патишта”, а за неговата оправданост и неопходност говори и самиот факт, дека Светска Банка ни одобри заем во висина од 70 милиони евра.

Во изминатите две и пол години Владата покажа дека се грижи за граѓаните, а прикажа и цврста определеност да ја поддржи локалната заедница.

Времињата на стиропор фасадите и бесмислените објекти, кои што денеска се распаѓаат, се зад нас.

Владата направи пресврт во приоритетите и преку овој проект се овозможува зголемена мобилност на граѓаните со реконструкција на постоечките и изградба на нови локални патишта, се подобрува безбедноста на патиштата преку санирање на црни точки, поставување хоризонтална и вертикална сигнализација, осветлување и т.н.

Република Северна Македонија е географски мало подрачје и токму затоа оваа инфраструктура е предуслов граѓаните брзо да комуницираат и соработуваат меѓу себе.

Исто така овој проект во својата реализација предвидува поширока општествена одговорност како што се обуки за жени превозници, преквалификација на лица за работни активности поврзани со транспорт и друго.

На крајот би сакал да ги повикам градоначалниците и претставниците на локалната власт да понудат квалитетни проекти. Како што знаете на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Загреб во мај, е најавена и голема финансиска поддршка за економски развој и за инфраструктурни проекти за локалните заедници во регионот, и секој изграден капацитет за подготовка на проекти е од извонредно значење за пресврт во напредокот на општините.

Ви посакам успех во подготовката и во реализацијата на проектите во интерес на граѓаните на вашите заедници.