Заклучок од владината седница за Извештајот за истрагата на несреќата на воздухопловот King Air B 200
С О О П Ш Т Е Н И Е
Владата на Република Македонија на вчерашната седница го разгледа и го усвои Извештајот за истрагата на несреќата на воздухопловот King Air B 200 од 26 февруари 2004 година во Мостар, Босна и Херцеговина, со референтен број 28-12/012 подготвен од Комисијата за истражување на несреќата во која животот го загубија претседателот на Република Македонија Борис Трајковски, придружната делегација и пилотите на авионот.
Притоа Владата на Република Македонија донесе заклучок Извештајот за несреќата со сите нови факти и докази да се достави до Јавното обвинителство на Република Македонија на понатамошна надлежност.
Воедно, Владата на Република Македонија заклучи Извештајот за несреќата да се достави и до Дирекцијата за цивилна воздушна пловидба на Босна и Херцеговина со барање за повторно отворање на истрагата од страна на земјата што ја водела истрагата.
Исто така, Владата на Република Македонија заклучи Извештајот за истрагата на несреќата да се достави и до Комитетот за правни прашања и човекови права при Европскиот парламент, до Советот на Европа, како и до г-дин Андреас Грос, евро-пратеник од Швајцарија, кој е автор на Информацијата за спроведената истрага заради разјаснување на наводно сомнителната смрт на поранешниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски.