Од 25 седница на Владата: Донесена е Одлука за забрана за движење од 21:00 до 06:00 часот; Уредба за прекин на сите дејствија за спроведување на изборите; Владата им препорача на банките пензиите да се исплаќаат од 28 март

Со цел спречување на понатамошно ширење на вирусот на територијата на целата држава, Владата на Република Северна Македонија на 25-тата седница што се одржа вечерва одлучи:

1. Да се забрани движење на населението во Република Северна Македонија во временски период од 21:00 – 06:00, а со цел спречување на ширење на заразната болест COVID-19 и заштита на населението во Република Северна Македонија.

• Од оваа забрана се исклучуваат лица кои имаат потреба од итна медицинска помош/ животно загрозувачка состојба/лица на дијализа, исклучиво во придружба на најмногу две лица.

• Доколку поради итноста на здравствената состојба возилото биде запрено од полициска контрола, дополнително ќе се евидентира и ќе се провери оправданоста на излегувањето и превозот до здравствената институција, преку приложување на медицинската документација по завршување на медицинскиот преглед. Ова е усогласен став со Министерство за внатрешни работи и е оперативно изводливо.

• Директорите на јавно здравствените установи ќе изготват список на вработени лица за кои се предвидува дека ќе имаат неопходна потреба за движење вон лимитираното време и ќе го дистрибуираат до Министерство за внатрешни работи или друго Министерство/Установа, со цел изготвување на специјални пропусници/легитимации, за лицата кои ќе можат да се движат вон рестриктивните часови. Со тоа Министерство за внатрешни работи ќе има комплетен увид за временскиот период кога овие лица ќе се движат.

• Во контекст на постоечките рестрикции за движење не се опфатени припадниците на Министерство за внатрешни работи, Армија на Република Северна Македонија, противпожарните екипи, лицата вработени во комунална хигиена, кои се во моментот на работа во смена.

• Да се ограничи бројот на дежурните аптеки на територијата на градовите и да се назначат од Министерството за здравство или Агенцијата за лекови-МАЛМЕД или Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, одреден број на аптеки, кои ќе дежураат во рестриктивниот период, а во исто време да бидат локациски поврзани со дежурните здравствени институции. Пристапот до дежурните аптеки ќе се ограничи само на лица кои извршиле медицински преглед во здравствена установа, а како доказ за тоа ќе приложат медицински извештај од извршен преглед.

• Да се задолжат такси компаниите да воведат дежурства со ограничен број на возила и истите да бидат искористени исклучиво за превоз кон/од болничка установа или аптека. Таксистите задолжително да користат лична заштитна опрема во возилото (заштитна маска и ракавици).

2. Се забранува движење на возила од јавен превоз од 21:00 до 06:00.

3. Дежурни екипи на ЕВН, Водовод и канализација, Телекомуникации служби, топлификација смеат да се движат само по претходна најава на 192 (МВР).

4. Да се организира меѓуградскиот и јавниот превоз со ограничување на капацитетот за превоз на патници за 50%  во возилото, или со задолжително одржување на растојание од најмалку два метри меѓу патниците.

5. Се забранува собирање на населението во групи поголеми од 5 (пет) лица во период од  06:00 - 21:00 на јавни места и површини.

Тоа го имавме како одлука, и сега гопотврдуваме и на овој начин.

6. Директорите/управителите на погони/фабрики на сите институции се задолжуваат да го  прилагодат своето работно време и производството согласно забраната за движење во предвидениот период.

7. Во трговските објекти, аптеки и јавни установи кои даваат услуги за населението каде плаќањето и работата се одвива на каси или шалтери, да се ограничи присуството на граѓаните согласно бројот на каси односно шалтери (колку каси/шалтери толку граѓани во исто време), односно врз основа на големината на објектот. Времетраењето на задржување во овие објекти го ограничуваат и одредуваат менаџерите на објектите.

Владата на Република Северна Македонија на оваа седница донесе Уредба со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес која во своите членови утврдува:

Член 1

Со оваа уредба се регулираат прашања поврзани со изборниот процес, се изменува и дополнува Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“, бр. 40/06, 136/08, 148/08, 155/08, 163/08, 44/11, 51/11, 54/11, 142/12, 31/13, 34/13, 14/14, 30/14, 196/15, 35/16, 97/16 и 99/16, 136/16, 142/16, 67/17, 125/17, 35/18, 99/18, 208/18, 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19, 42/20) и се утврдува прашањето за примена на одредби од законите кои се однесуваат на изборниот процес.

Член 2

Мандатот на членовите на Државата изборна комисија се продолжува и ќе трае 6 месеци од денот на одржување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

Член 3

Со денот на стапување во сила на оваа уредба се прекинуваат сите изборни дејствија за спроведување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, кои се закажани за 12 април 2020 година.

Член 4

Се задолжува Државната изборна комисија да ја обезбедат и чуваат постојната изборна документација до продолжување на спроведувањето на изборните дејствија и изборите.

Член 5

Спроведувањето на изборните дејствија ќе продолжи од денот на престанок на вонредната состојба. Сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик до денот на стапување во сила на оваа уредба се сметаат за важечки.

Член 6

Се задолжува Државната изборна комисија во рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба да објави на својата веб страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија.

Член 7

Од денот на стапување во сила на оваа уредба па се до денот на престанок на вонредната состојба не се применуваат членовите 8-а, 75-г, 75-д и 84-а од Изборниот законик.

Од денот на стапување во сила на оваа уредба па се до денот на престанок на вонредната состојба не се преземаат никакви дејствија врз основа на Изборниот законик.

Член 8

Од денот на стапување во сила на оваа уредба па се до денот на престанок на вонредната состојба не се применува членот 34 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси („Службен весник на Република Македонија“, бр. 12/2019).

Член 9

Оваа Уредба стапува на сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

На оваа своја седница Владата го усвои Записникот од Шестиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19, одржан на 21 март 2020 година.

На денешната седница Владата ја разгледа и усвои информација за исплата на пензии за март 2020 година на предлог на Кабинетот на заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори.

Вицепремиерката за економски прашања и координација со економските ресори Мила Царовска се обрати до Македонската банкарска асоцијација со барање поради вонредната состојба  со коронавирусот, банките да овозможат исплата на пензиите во пет групи  на пензионери според износот на пензија по работни денови од 25 март до 31 март 2020 година. По добиеното известување од Македонската банкарска асоцијација, Кабинетот на вицепремиерката за економски прашања и координација со економските ресори, предложи, а Владата прифати да им се препорача на деловните банки да обезбедат исплата на пензии од 28-ми март.

На оваа седница Владата донесе Уредба со законска сила за утврдување на задачи на Армијата на Република Северна Македонија за време на траењето на вонредната состојба, со која се утврдуваат задачите на Армијата на Република Северна Македонија, за поддршка на полициските сили на Министерството за внатрешни работи и за поддршка на единиците на локалната самоуправа, органите на државната управа или на други државни институции на Република Северна Македонија за време на траењето на вонредната состојба, заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирус COVID 19.

Во Уредбата, меѓу другото, се вели дека Армијата формира и ангажира сили за поддршка на полициските сили на Министерството за внатрешни работи за:

- обезбедување и надзор на граничната линија на државната граница со цел спречување на влез и излез на сите лица кои имаат намера да извршат нелегален премин на државната граница;

- контрола на влез и излез на патните правци кои водат кон населените места преку воспоставување на мобилни пунктови и контролни точки во реоните за ангажирање и

- физичко обезбедување на витални објекти кои се обезбедувани од Министерството за внатрешни работи.

Уредбата исто така определува дека Армијата формира и ангажира сили и за поддршка на единиците на локалната самоуправа, органите на државната управа или на други државни институции на Република Северна Македонија, со цел спречување на ширење на епидемијата и отстранување на последиците настанати од епидемијата за укажување на помош заради спасување на луѓето и материјалните добра.

Владата на 25-тата седница го усвои Предлог-деловник за изменување и дополнување на Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија кој сега е дополнет со три нови одредби:

1. Во случај на итна и неодложна потреба за одржување на седница на работните тела на Владата, претседателот на работното тело може да ја отвори и води седницата на работното тело на Владата со употреба на комуникациски средства (телефон или конференциска врска со употреба на интернет комуникација и софтверски алатки).

2. Во случај на итна и неодложна потреба за одржување на колегиум на државните секретари, генералниот секретар може да го отвори и води колегиумот со употреба на комуникациски средства (телефон или конференциска врска со употреба на интернет комуникација и софтверски алатки), и

3. Во случај на итна и неодложна потреба за одржување на седница на Владата, претседателот може да ја отвори и води седницата на Владата со употреба на комуникациски средства (телефон или конференциска врска со употреба на интернет комуникација и софтверски алатки).

Владата на оваа седница ја донесе и Уредба со законска сила за примена на законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба со следните одредби:

Член 1

Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/04; 139/08; 99/09;  149/14; 150/15 и 37/16), ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.

За видот на болеста која се пренесува од човек на човек за која при лекувањето се применува мерката строга изолација (карантин), за лицeто на коe му се одредува строга изолација (карантин), за одредување на мерката строга изолација (карантин), за објектите за спроведување на мерката строга изолација (карантин) и за местото  и за времетраењето на примена на мерката строга изолација (карантин), за време на траење на вонредната состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.
 
Член 2

За заболени од заразната болест коронавирус COVID-19, при лекувањето се применува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови или во здравствена установа, за што одлучува здравствен работник по извршена проценка на тежината на клиничката слика.

На лице кое било или се сомнева дека било во непосреден контакт со лице заболено или инфицирано со коронавирус COVID-19 се применува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови (домашна изолација) во времетраење од 14 дена, за што лицето потпишува писмена изјава под полна морална, материјална и кривична одговорност дека ќе ја почитува мерката, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат донесува решение.

 Доколку лицето од ставот 2 на овој член не ја применува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови (домашна изолација), му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од 14  дена, во објекти определени од Владата на Република Северна Македонија, за што Државниот санитарен и здравствен инспекторат  донесува решение.

На лице кое влегува на граничните премини во Република Северна Македонија, а патува од високо, средно или ниско ризични земји утврдено согласно Листата на Светската здравствена организација, му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од 14  дена, во објектите од став 3 на овој член.  

Член 3

За времетраењето на мерката строга изолација (карантин), лицето не смее да ја напушта просторијата во која е сместено.

За безбедноста на објектите од член 2 став 3 од оваа уредба со законска сила, за спроведување на мерката строга изолација (карантин), се грижат Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана- Армијата на Република Северна Македонија, кои ги обезбедуваат влезните пристапи во објектот, а доколку објектот е на катови ги обезбедуваат и сите катови.

Припадниците на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана-Армијата на Република Северна Македонија, кои ги обезбедуваат објектите од член 2 став 3 од оваа уредба со законска сила, во кои се спроведува мерката строга изолација (карантин), задолжително носат заштитна опрема.

Трошоците за исхрана и одржување на хигиената во објектите во кои се спроведува мерката карантин за лицата кои влегуваат на граничните премини во Република Северна Македонија, а патуваат од високо, средно или ниско ризични земји утврдено согласно Листата на Светската здравствена организација, се надоместуваат од средства од Буџетот на Република Северна Македонија.

Трошоците за исхрана и одржување на хигиената во објектите во кои се спроведува мерката карантин за лицата на кои не ја почитувале мерката строга изолација (карантин) во домашни услови (домашна изолација), се надоместуваат од страна на тие лица.

Член 4

Државниот санитарен и здравствен инспекторат во вршењето на инспекцискиот надзор заради отстранување на утврдените неправилности има право и обврски да поднесе кривична пријава против лицето од член 2 од оваа уредба со законска сила на која се применува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови, во здравствена установа или во објектите од член 2 став 3 од оваа уредба со законска сила, доколку тоа своеволно го напушти карантинот пред истекот на неговото времетраење.

Доколку за лицето од став 1 на овој член се определи мерка притвор, истата  се спроведува во објектите од член 2 став 3 од оваа уредба со законска сила.

Член 5

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

На оваа седница Владата на Република Северна Македонија ја усвои и Информацијата за расположливи сместувачки капацитети за ставање на лица во државен карантин во хотелските и сместувачките капацитети во сопственост на државата, како и за сместувачките капацитетите во приватните компании што ги ппонудија своите хотели за згрижување на граѓаните.

Владата денеска ја разгледа и редовната информација за извршени дневни инспекциски надзори за спроведувањето на мерките и препораките за спречување на ширењето на коронавирусот.

 

Уредба со законска сила за утврдување на задачи на Армијата на РСМ за време на траењето на вонредната состојба

Уредба со законска сила за примена на законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба

Уредба со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес
Извадок од Нацрт – записникот од 25-та седница на Владата на Република Северна Македонија, Точка 1
Извадок од Нацрт – записникот од 25-та седница на Владата на Република Северна Македонија, Точка 2
Заклучок од 25-та седница на Владата на Република Северна Македонија
Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19
Одлука за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија