„На почетокот сакам да изразам сочувство до семејството на починатата. Податоците ги добив од болницата во Куманово и од Службата за епидемиологија од Центарот за јавно здравје. Првиот преглед на пациентката е направен на 16 март. Таа дошла со температура и без други симптоми и кашлица. Според кажувањата веднаш биле поставени прашања од епидемиолошката анкета на што таа одговорила негативно: Дека не патувала во странство, немала контакт со лица од ризичните земји. Дадена била терапија и пуштена на домашно лекување. Следниот ден на 17 март дошла со синот. Двајцата имале покачена телесна температура и без кашлица. Повторно е направена епидемиолошка анкета на коишто се негирани било каква поврзаност со евентуален контакт со заболен или со странец или пак патување во странство според кажувањата на изворите од болницата во Куманово. На 17-ти и 18-ти март примаат терапија, тие повторно немаат кашлица и тоа е третман во дневната болница. На 19-ти март со нешто потежок наод на белите дробови со индикација за рендген снимка констатирана е пневмонија и двајцата се сместени во одделот за изолација“, потенцираше министерот Филипче.
Согласно нејзините изјави во кумановската болница, таа не била хронично болна од ниедна болест која можела дополнително да ја искомплицира состојбата. Единствено примала редовен лек против хипертиреоза.
Министерот Филипче изјави дека и тогаш и кај мајката и кај синот се земале брисеви - материјал за корона тест. На 19-ти и на 20-ти направени се во 2 наврати анализи на материјалот. На 19-ти март на двајцата и тие се негативни. На 20-ти се повторува тестот на мајката со оглед на тоа што стои во препораките на Светската здравствена организација - ако негативен тест е во комбинација со клиничка слика потешка која може да укажува на постоење на болест предизвикан на корона вирус. И тој повторен тест е негативен.
„На 21 март состојбата се влошува. Направени се обиди за реанимација, меѓутоа за жал тие се без успех, после што пациентката починала. Со оглед на тоа што и компликацијата е нагла и нетипична за некоја друга болест земен е посмртен уште еден материјал којшто е испитан и тестот е позитивен на коронавирус“, рече министерот Филипче
Преиспитани се повторно материјалите земени иницијално. Повторно е потврдено дека тие се негативни.
„Разговаравме интензивно со експертите, консултиравме литература, тестот никаде во светот не е 100% сензитивен и тоа е докажано. Што се однесува до здравствените работници, во моментов се прави епидемиолошка анкета со сите и според кажувањата ќе се постапи согласно информациите, податоците, начинот на пристапување дали тие ќе одат во изолација или евентуално ќе се направат соодветни тестирања“, истакна министерот Филипче.