Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција информираше дека во нашата земја се регистрирани 53 оздравени пациенти, во Скопје -25, Куманово - 13, Прилеп - пет , Струга - еден, Битола - четири, Охрид - еден и Кочани - четири.
„Во однос на новите, последни тестирања во последните 24 часа направени се 289 тестови, регистрирани се 13 нови случаи, во: Скопје - четири, Куманово - пет, Прилеп – два и Тетово - два. Вкупната бројка со овие случаи од почетокот на епидемијата изнесува 1.399 лица, односно 781 активен случај“, потенцираше министерот Филипче.
Според информациите што ги изнесе министерот за здравство, на Клиниката за инфективни болести починаа двајца пациенти, 58-годишна пациентка од Желино, Тетовско, примена на 21 -ви април со тешка форма на болест, и 81-годишна пациентка од Куманово лекувана од 15 –ти април. И двете пациентки со претходни заболувања. Во Градската општа болница „8 –ми Септември“, почина еден пациент од Куманово на возраст од 47 години примен на болничко лекување на 3 -ти април и подолго време е приклучен на респираторна машина. Почина и еден пациент од Битола, кој се лекуваше во болницата во Битола, на возраст од 66 години, во тешка општа состојба со дополнителни проблеми со заболувања на срцето и црниот дроб.
„На Клиниката за инфективни болести е примен еден пациент, хоспитализиран, или вкупно 61. Од нив, 18 се со потешка клиничка слика, а пет се на механичка вентилација. Во болницата „8 – ми Септември“ има осум нови пациенти, на респираторна машина седум, а четири уште дополнително со потешка клиничка слика. Во болницата во Битола хоспитализирани се седум, се следат уште осум. Во Штип двајца, а се следат уште девет на домашно лекување. На Инфективното одделение во болниците во Куманово, Прилеп и Велес се хоспитализирани уште 50 пациенти, потврдени, и дел од нив суспектни, ги чекаат резултатите од брисевите“, изјави министерот Филипче.
Министерот Филипче се заблагодари на погребалното претпријатието „Бутел“ што излезе во пресрет за намалување на цените на погребните услуги. Како што информираше министерот, тие вчера разговарале со директорот и денеска објавиле соопштение.
Во однос на Центарот за јавно здравје - Велес, Филипче информираше дека се направени сите анализи и направена е детална анализа на извештајот за проценка на новите информации кои дојдоа од повеќе страни. Во текот на утрешниот ден или задутре во Центарот ќе биде назначен нов директор со оглед на пропустите, кои беа детектирани во работата на Центарот за јавно здравје во Велес.
„Од денеска во болницата „8-ми Септември“ е пренесен апаратот за т.н. озонска терапија, озонирање на крвта, што е една метода која се користи за третманот на овие пациенти, пред сè за најтешките пациенти. Има публикации и искуства од други земји, врз основа на тие искуства тимот на анестезиолози од болницата „8-ми Септември“ направи детална анализа на навистина обемна литература и заклучи дека вреди да се направи обид и оваа терапевтска мерка да се аплицира кај овие пациенти така што од овие денови започнува и оваа апликација. Практично станува збор за метода, со која се озонира една одредена количина на крвта која се вади и потоа таа истата се враќа во неговата циркулација. Утре е закажана и првата екстракција на плазма, која исто така ќе се користи за третман на овие пациенти на Институтот за трансфузиона медицина“, информираше министерот Филипче.
На редовната прес-конференција, министерот за здравство Венко Филипче повторно упати апел до граѓаните да ги почитуваат мерките за носење на заштитна опрема.
„Има примери на граѓани, кои навистина се придржуваат до овие мерки, одржување на дистанца и носење на заштитна опрема за лице, маски, но има и слики по медиуми и мрежи, од граѓани, кои не се придржуваат до овие мерки. Сакам да напоменам дека е многу важно во овој период кога има зголемен број на часови дозволени за движење во текот на денот дека само со оваа мерка - носење на заштитна прекривка на устата и на носот или маска, ние може да ставиме крај на ширење на вирусот“, потенцираше Филипче.