Оваа година Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај, празникот на работничките и работниците, го славиме во вонредна состојба заради последиците што ги донесе економско-здравствената криза од коронавирусот.
Освен здравјето на луѓето, кризата се закани да загрози илјадници работни места и затоа Владата на Република Северна Македонија го стави здравјето на сите граѓани на врвното место во борбата за справување со коронавирусот и веднаш донесе мерки за зачувување на работните места и за безбедноста при работењето.
Вонредната состојба и коронавирусот нема да не спречи да го славиме трудот на работничките и работниците затоа што тие се силата за развојот на нашето општество.
Затоа креиравме мерки кои во врвот на приоритетите ги ставаат одржувањето на работните места и платите на вработените.
Изразуваме наша голема благодарност за придонесот на работничките и работниците и во овие услови да учествуваат во одржливоста на стопанството и виталните дејности на нашата земја. Овој вонреден напор, труд и ангажман на секој работник мора да биде ценет и од работодавците и од државата.
Во име на Владата, им оддавам огромно признание на сите работници во земјата кои уште еднаш ни ја покажаа вредноста на трудот и на солидарноста. Посебна благодарност упатувам на здравствените работнички и работници, како и на вработените во полицијата и армијата, кои од првата линија на справувањето со кризата, ги создаваат условите да го уредиме нашето секојдневие во новата нормала и за напредок на нашата држава.
Честит 1 Мај, нека е за многу години!