Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски денеска изврши увид во изградба на станбена зграда во Пробиштип, наменета за социјално ранливите категории на граѓани.
Во прилог на оваа соопштение Ви ја пренесуваме изјавата на премиерот Спасовски:
Пандемијата со КОВИД-19 и вонредната состојба за спречување на ширењето на вирусот и за справување со последиците од здравствено-економската криза целосно го промени нашето и секојдневието на граѓаните и ги наметна здравствено-безбедносните прашања како врвен приоритет во овој корона период.
Сепак, и во овие услови, реализацијата на капиталните инвестиции не запреа. Голем дел од проектите се во тек, а градежните работи се одвиваат непречено. И во овие услови, со неопходните мерки за лична заштита на работниците, интензивно се работи на патиштата, на водоводи и канализации и се гради гасоводот.
Во полн ек е изградбата на социјални станови, кои во делот на градежништвото се значаен сегмент од капиталните проекти. Денеска направивме увид во градежните работи на зградата со станови наменети за нашите сограѓани во социјален ризик.
Ова е прв таков објект во Пробиштип во кој свој траен дом ќе најдат 48 семејства од социјално ранливите категории граѓани. Изградбата започна во јуни 2019 година, и денеска добивме уверување дека ќе биде завршена според предвидениот план, односно во јануари во 2021 година.
Во моментов, социјални згради се градат уште на 4 локации низ државата, и тоа во скопската општина Бутел, објект со 312 станови, во Неготино зграда со 62 станови, во Свети Николе се градат станови за 48 станови, и во Виница зграда со 36 станови.
Оваа градежна иницијатива е резултат на интензивното спроведување на утврдените мерки и политики за подобрување на социјалната положба на ранливите категории. Презедовме и ја реализираме обврската да создаваме услови сите овие лица да добијат кров над глава, сигурност и подобри услови за живот.
Колку за споредба, во периодот од 2011 до 2017 година, односно за 6 години, биле изградени 678 стана, а во периодот од 2017 до 2020 година, или за три години се изградени и се во тек на изградба 897 станови.
Планирано е отпочнување на уште 8 вакви објекти во исто толку градови во земјата, од кои повеќето ќе добијат за прв пат згради со социјални станови.
Со овие капитални проекти го враќаме достоинството на граѓаните со социјални мерки за извлекување на илјадници наши граѓани од зоната на сиромаштијата со решавање на станбеното прашање на многу семејства. Секако, ваквите инвестиции придонесуваат и за раздвижување на градежништвото кое обезбедува егзистенција и работа на компаниите кои вработуваат огромен број на граѓани, а изградбата на станови го потпомага и локалниот развој на општините.
Со ова Владата покажува чувство на одговорност и конкретна грижа за овие граѓани. Владата и во иднина ќе продолжи со конкретни активности во насока на обезбедување на сигурност и запазување на интересите на сите граѓани.