Република Северна Македонија припаѓа на европското семејство, ЕУ во оваа здравствено-економска криза ја сподели грижата и помошта со нашата земја како да сме веќе членка

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, и шефот на делегацијата на Европската Унија во нашата земја, Самуел Жбогар, по повод 9-ти мај - Денот на Европа пред платото на Градската општа болница „8-ми Септември“ присуствуваа на пригодната церемонија на кревање на знамиња на Република Северна Македонија и Европската Унија и оддадоа почит со едноминутно молчење на сите оние кои ја изгубија битката со коронавирусот КОВИД-19.

На настанот во организација на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија во владината делегација присуствуваа и заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменикот на претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за здравство, Венко Филипче и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Во обраќањето премиерот Спасовски истакна дека нема посилна симболика со тоа што Денот на победата над фашизмот стана Ден на Европа, откако на денешен ден, пред точно 70 години додека уште се лекуваа длабоките рани од Втората светска војна, францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман, повика да почне изградбата на нова Европа и се постави зародишот на Европската Унија.

„Со учеството и победата во антифашистичката голема светска војна на територијата на нашата земја, припадничките и припадниците на партизанските единици на Народно-ослободителната борба, ја заокружија и историската борба за државност. Македонската држава беше создадена како дом на слободата. Дом на изборот, дом на слободата на изразувањето и на слободната мислата. За сите нејзини граѓани без исклучок. Држава на сите и за сите. Дом каков што е денеска Европската Унија, како што е напредна и прогресивна Европа“, нагласи премиерот Спасовски.

Воедно премиерот Спасовски подвлече дека токму затоа денеска имаме силни и големи причини да славиме и да бидеме дел од прославите ширум Европа.

„Граѓаните на нашата земја го направија изборот и тие се горди на својот избор. Ја избравме иднината. Иднината на Европската Унија, затоа што е изградена на вредностите во кои веруваме и ги практикуваме и ние. Ние припаѓаме на европското семејство, формално сè уште не сме, но го почнавме патот! Би сакал да ја искористам денешната прилика најотворено и најискрено да упатам благодарност кон сите земји-членки на Европската Унија, да упатам благодарност до амбасадорот Жбогар во координирањето на огромната помош која ја добивме од ЕУ и за постојаната континуирана 24 часовна соработка со нашето семејство – Европската Унија“, нагласи претседателот на Владата, Спасовски.

Тој посочи дека Република Северна Македонија во последните 3 години реши сериозно да заврти нови страници во својата историја.

„Излеговме од длабока политичка криза и ги возобновивме демократските институции и владеењето на правото. Испорачавме конкретни и одржливи резултати во спроведувањето на ЕУ поврзаните реформи и во добрососедските односи. Станавме 30-та членка на НАТО и оваа година ги започнуваме пристапните преговори за членство во ЕУ. Следните чекори се подготвени и ќе работиме посветено со Европската Комисија и Европскиот Совет што поскоро да ја закажеме Првата Меѓувладина конференција која ќе го означи практичниот дел од преговарачкиот процес согласно новата методологија“, наведе премиерот Спасовски.

И дополни дека со тоа ја ставаме нашата земја на експресниот пат до членството во Европската Унија, затоа што тоа е и наш концепт.

„Концепт заснован на заедничките основни верувања и убедувања за слободата, за демократијата и човековите права, за пазарна економија, како и за остварување на фер можности врз темелите на солидарноста.

Затоа ја сакаме и ја замислуваме иднината заедно - замислуваме, ја посакуваме, работиме за неа и веќе сме заедно. Заедно и во добро и во зло“, рече премиерот Спасовски.

Тој посочи дека заразата со коронавирусот КОВИД-19 во изминатите месеци сите заедно не соочи со суров избор помеѓу животот и смртта на нашите граѓани и опстанокот на нашите економии.

„Новиот коронавирус предизвика пустош и не соочи со несогледливи предизвици, но донесе и нешто позитивно - јасно покажа дека европскиот континент има заедничка судбина. Начинот на справување со заразата покажа дека споделуваме иста политичка култура и пракси, и го истакна и високото ниво на социоекономска взаемна зависност помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан кои имаат силна и непоколеблива намера еден ден да бидат рамноправни членки на Унијата“, потенцираше претседателот на Владата, Спасовски.

Тој нагласи дека Република Северна Македонија периодот на оваа здравствено-економска криза се увери дека Европската Унија ја сподели грижата и помошта со нашата земја како да сме веќе членка на европското семејство.

И додаде дека оттаму доаѓа и нашата благодарност за видливо демонстрираната солидарност и помош од страна на ЕУ во форма на итна поддршка за здравствениот сектор, со финансиски пакет за соочување со социоекономските последици како и со макро финансиската помош која ќе биде нивно важно надополнување.

„Високо го цениме и обезбедениот пристап без преседан до останатите ЕУ механизми и инструменти како и заедничките напори безбедно да ги вратиме нашите затекнати граѓани дома. Благодарни сме што на овој начин ЕУ ги третира нашите држави како да сме речиси дел од Унијата. Тоа ни дава чувство на сигурност дека заедно ќе се справиме со товарот на кризата. КОВИД- 19 заразата несомнено ќе продолжи да ја тестира нашата одлучност и сега најважно е да ги фокусираме напорите за опоравување и надминување на економско социјалните последици кои се длабоки во сите земји на ЕУ, како и во земјите кандидати за членство“, истакна премиерот Спасовски.

Во своето обраќање амбасадорот Самуел Жбогар наведе дека 70-годишнината од Шумановата декларација ја одбележуваме во период кога се соочуваме со предизвик, како што светот досега не го доживеал.

„Заканата од страна на коронавирусот не знае за граници, одзема животи, влијае на здравјето, ги поткопува економиите и ги загрозува нашите општества, па дури и светскиот поредок. Тоа го смени фундаментално нашиот начин на живот. Се смени за добро или за лошо, но дефинитивно засекогаш ги смени она нормално како што го знаевме.

Исто така, вирусот во прв план истакна и еден од основните принципи на ЕУ - оној на солидарноста. Токму солидарноста и донесе на Европската Унија 70 години мир и просперитет. И токму солидарност ја изведува Европа од сегашната криза“, нагласи амбасадорот Жбогар.

Тој истакна дека токму оваа година се одбележува 20 години на делегација на ЕУ во Скопје и конечно бевме во можност да го почнеме вашето патување кон подобра иднина во Унијата.

„Солидарноста што ја прошири Европската Унија и нејзините земји-членки кон вас и регионот за време на оваа криза даде одговор на дилемата за тоа каков е ставот на ЕУ кон регионот: Ние сме едно семејство!

И конечно, ЕУ ја предводи иницијативата за собирање средства за развој на вакцината за КОВИД-19 што ќе им биде достапна на сите во светот по прифатлива цена. Токму тоа е ЕУ во најдоброто светло како глобална сила за добро“, посочи шефот на делегацијата на Европската Унија во нашата земја, Жбогар.

Тој истакна дека од оваа криза ќе излеземе заедно, сегашните и идните земји-членки, барајќи ја основната европска вредност - солидарноста, како и овој ден на Европа и овие вонредни околности не потсетат дека заедно сме посилни и таа солидарност е европски пат кон подобра иднина заедно.

Премиерот Спасовски и амбасадорот Жбогар пред присутните искажаа благодарност кон сите здравствени работници кои се во првите редови во борбата против пандемијата.

Тие се вистинските херои на нашето време, кои ризикувајќи го сопственото здравје не учат лекции за солидарност, жртвување и хуманост.

На крајот од пригодната церемонија премиерот Спасовски и амбасадорот Жбогар уште еднаш изразија длабока почит и за сите жртви од КОВИД-19 во нашата земја, во Европа и во светот.