Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски денеска учествуваше на вонредниот самит на Централно европската иницијатива посветена на договорите за соработка против пандемијата од КОВИД-19.
На самитот на ЦЕИ, со кој претседаваше премиерот на Црна Гора Душко Марковиќ, учествуваа и премиерите на Албанија - Еди Рама, на Бугарија – Бојко Борисов, на Хрватска – Андреј Пленковиќ, на Молдавија – Јон Чику, на Украина – Денис Шмихал, како и еврокомесарот за проширување и соседска политика на ЕУ – Оливер Вархеји, директорот на Европската банка за обнова и развој – Сума Чакрабарти, генералниот секретар на ЦЕИ – Роберто Антонионе, и регионалниот директор за Европа на Светската здравствена организација - Ханс Хенри Клуге.
Во заедничката декларација од вонредниот самит на земјите од Централно-европската иницијатива (ЦЕИ), се истакнува дека пандемијата на КОВИД-19 претставува предизвик без преседан, кој освен здравствена, предизвика и сериозна економска, социјална и хуманитарна криза.
Земјите од ЦЕИ, со оваа декларација преземаат обврска за итна заедничка, одлучувачка и сеопфатна акција на национално, регионално и глобално ниво за итни мерки за координирана, пропорционална, транспарентна акција која ги почитува основните права на секоја личност, особено заради влијанието на кризата врз жените, старите лица, младите, малите и средни претпријатија, неформалниот сектор и другите ранливи групи и поединци, вклучувајќи ја и популацијата во области погодени од конфликти.
Во декларацијата на ЦЕИ се потенцира важноста на независните медиуми и слободната размена на точни и доверливи информации за да се спречат лажните или манипулативните информации за ширење на КОВИД-19 и говор на омраза, кои носат висок степен на ризик и за животот на луѓето.
Тешките социо-економски последици од пандемијата на КОВИД-19, се истакнува во декларацијата на ЦЕИ, повикуваат на итни мерки, единство и солидарност за брзо закрепнување на економиите од земјите од иницијативата и за брзо враќање на условите за непречена трговија и проток на стоки, зајакнување на поврзаноста, привлекување повеќе странски инвестиции и за ревитализација на туризмот во нови услови.
Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) влегува во соработка со другите регионални и меѓународни организации, за кохерентен и координиран одговор на пошироките импликации и на различните димензии на кризата.
Земјите на ЦЕИ ја поддржуваат Светската здравствена организација (СЗО) за глобалниот одговор за заштита на јавното здравје и за борбата против пандемијата, како и мерките на национално ниво. Во декларацијата од вонредниот самит на ЦЕИ се поздравува предлогот за формирање на акциски групи за зајакнување на регионалната соработка за стратегии и најдобри практики за борба против пандемијата од КОВИД-19, како и заедничките работни групи за подготовка на одржливи и безбедни протоколи за отворање границите.
Во декларацијата на ЦЕИ се поздравува определувањето на повеќе од 7 милијарди евра преку разни инструменти на ЕУ за поддршка на Западен Балкан и земјите партнери од источна Европа, за решавање на непосредните здравствени и хуманитарни последици од избувнувањето на КОВИД-19, и за спречување на натамошните негативни импликации врз економијата во регионот.
Во таа насока во декларацијата на ЦЕИ се поздравуваат и мерките за реакција и за обновување на Европската банка за обнова и развој за помош на земјите од иницијативата за да се справат со економските последици од пандемијата КОВИД-19.
Во заедничката декларација од вонредниот самит на земјите од Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) се нагласи дека борбата против КОВИД-19 и нејзините социо-економски последици треба да остане високо на агендата на ЦЕИ, на црногорското претседателство на иницијативата, како и на сите земји-членки.