Втор бизнис форум на македонскиот владин тим во Њу Делхи
Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски денеска (понеделник, 5 март 2012 година) присуствуваше на уште еден бизнис форум организиран од реномираната индиска компанија Сахара Индиа Паривар, а покровител на овој настан беше нејзиниот сопственик Субрати Рој.
Во својот говор пред присутните бизнисмени премиерот Груевски ги истакна предностите кои што Македонија ги има за странските инвеститори, како што е пристапот до 650 милионски пазар, ниските и атрактивни даноци, регулаторната гилотиња и другите реформи кои што Светската банка и други меѓународни институции ги оценуваат за исклучително поволни за бизнис климата во Македонија.
- Она што би сакал дополнително да го истакнам во оваа прилика не е поврзано со економијата. Се однесува на хуманоста, а тоа е уникатната врска која што е изградена помеѓу Македонија и Индија преку животот и работата на Мајка Тереза која знаеше да каже “не сите од нас се во можност да прават големи дела, но сите можеме да направиме мали нешта со голема љубов”, истакна премиерот Груевски.
Тој посочи дека заедничкото наследство што го остава Мајка Тереза ќе ја зајакне взаемната доверба и ќе придонесе заеднички да се работи во интерес на двете нации.
Во тој контекст, премиерот Груевски му упати официјална покана на Субрати Рој да ја посети Македонија со цел директно да ги види можностите кои што се нудат во државата за проширување на неговите деловни операции во Европа.
Од своја страна сопственикот на Сахара Индиа Паривар, г-дин Субрата Рој, изрази огромно задоволство и благодарност од можноста да го организира овој настан кој придонесува за доближување на двете земји, а воедно и прифати во скора иднина да ја посети Република Македонија.
На денешниот бизнис форум, кој се одржа само неколку дена по изборите во петте најголеми држави во Индија, беа присутни и високи претставници на најголемата владејачка партија и на најголемата опозициска партија, што го покажува огромниот интерес кој што владината делегација предводена од премиерот Груевски го предизвика во оваа држава.
Сахара Индиа Паривар е корпорација која работи во областите на хотелиерство, изградба на инфраструктура, станбена изградба, филмска продукција, осигурување и финансиски услуги, медицински установи и информатичка технологија.
Целокупната вредноста на компанијата изнесува околу 65 милијарди долари и таа претставува втор најголем работодавец во Индија, веднаш после Индиските железници, со ангажман на над 2 милиони работници.
Последна голема меѓународна деловна операција на Сахара Индиа Паривар е купувањето на познатиот хотел Гросвенор Хаус во Лондон за износ од 726 милиони долари.
Субрата Рој е прогласен за еден од 25-те највлијателни луѓе во Индија, а неговата компанија е главен спонзор на националниот крикет тим на Индија, што претставува спорт број еден во оваа земја.