Врз основа на член 58 став 1 од Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/04, 139/08, 99/09, 149/14, 150/15 и 37/16), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 2 јуни 2020 година, донесе
О Д Л У К А за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19
Член 1
Во Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.62/20, 63/20, 64/20, 66/20, 70/20, 72/20, 92/20, 100/20, 107/20, 109/20, 119/20, 123/20, 125/20, 126/20, 134/20, 136/20 и 140/20), во член 1, став 1, во точката 1., по ставот 4, се додава нов став коj гласи:
„Активностите, начинот на работа и условите поврзани со постапката за спроведување на проверка на способностите за спортски вештини на учениците кај кои има интерес за запишување во ДСУ Спортска Академија во учебната 2020/2021 година, се утврдуваат во и одвиваат со задолжително почитување на Протоколот за спроведување на проверка на способностите за спортски вештини на учениците кај кои има интерес за запишување во ДСУ Спортска Академија во учебната 2020/2021 година од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство и од Министерството за образование и наука, кој е даден во Прилог број 14 и е составен дел на оваа одлука.
Точките 25. и 27. се бришат.
Точката 26. станува точка 25.
По точката 25. се додава нова точка 26. која гласи:
„26. Активностите, начинот на работа, условите поврзани со универзалните мерки за спречување на пренесувањето на КОВИД-19 што важат за сите работни места и за сите лица на работни места, односно за работодавачите, раководителите, работниците, договарачите, клиентите и посетителите, се утврдуваат во и одвиваат со задолжително почитување на Протоколот за превентивни мерки за сите работни места од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, кој е даден во Прилог број 15 и е составен дел на оваа одлука.
Член 2
Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 44-2147/18 |
ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ВЛАДАТА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Оливер Спасовски |
ПРИЛОГ бр.14
ПРОТОКОЛ
за спроведување на проверка на способностите за спортски вештини на учениците кај кои има интерес за запишување во ДСУ Спортска Академија во учебната 2020/2021 година
Преземи протокол | Shkarko protokollin
СПОРТСКИ ОБЈЕКТИ
1. Селектирањето на учениците ќе се врши на спортски терени од отворен тип (фудбал, ракомет, кошарка и тенис).
2. Терените на кои ќе се врши селекцијата, мора да имаат посебен дел за публика на кој ќе бидат распоредени учениците, каде што ќе го чекаат својот ред за настап на теренот.
3. Меѓу спортистите да има физичко растојание од 2 метри, согласно препораките за социјално дистанцирање.
4. Помеѓу тренерот и кандидатот да има растојание од 5 метри.
5. Пред почетокот на тренингот се прави термален скрининг и се забранува тренинг на кандидатот кој ќе има покачена температура.
6. Додека учениците го чекаат својот ред, задолжително да имаат на себе лична заштитна опрема (маска).
7. Да има најмалку два тоалета во употреба, претходно целосно дезинфицирани.
8. Кандидатите и тренерите доаѓаат на теренот поединечно и веќе облечени во спортска опрема за селективниот тренинг, при што ќе се избегне користењето на соблекувалните.
9. Движењето на спортскиот терен да се одвива по обележани ознаки и од страна на редари.
10. Пред влезот да има поставено средство за дезинфекција на рацете, кое задолжително мора да се употребува од страна на учениците при влез и излез од теренот.
11. На влезот да биде поставен сунѓер за дезинфекција на обувки.
ПРИЈАВУВАЊЕ
1. Пред самиот влез на теренот да биде поставена контролна точка за евидентирање на учениците кои ќе бидат дел од селективните тренинзи. Бидејќи во овој случај физичкото растојание помеѓу лицето кое врши идентификација и ученикот може да биде помало од 2 метри, задолжителна е употребата на лична заштитна опрема (заштитна маска). Пред да пристапат на идентификација, учениците мора да ги дезинфицираат рацете со средство за дезинфекција, кое ќе биде поставено во близина на местото за идентификација.
2. Приемот на кандидатите (нивното присуство и идентификација) ќе се врши од одредени лица на определено и обележано место на влезот на теренот со предвиденото растојание помеѓу кандидатите и задолжените лица за прием.
3. По пријавувањето (идентификацијата), учениците да се упатуваат кон местото за публика, каде што чекаат да бидат повикани за настап од страна на тренерите коишто се на терен.
ТЕК И ОРГАНИЗАЦИЈА НА СЕЛЕКТИВНИОТ ТРЕНИНГ
1. За организирање на целиот процес да биде задолжена редарска служба која ќе води сметка за потребното растојание помеѓу кандидатите и присутните од минимум 2 метри во теренот и околу теренот и на местото за публика од каде ќе бидат повикувани кандидатите. Ќе бидат ангажирани минимум 2 редари.
2. Ќе бидат поставени ознаки на влезот на теренот и на теренот кои ќе означуваат правец на движење и запазување на минимум растојанието при чекањето ред.
3. На теренот да бидат присутни најмногу двајца тренери, кои ќе имаат задача да асистираат во одредени ситуации при демонстрирање на одредени елементи. Истите мора да носат лична заштитна опрема, односно маска и ракавици.
4. По секоја измена на терен, тренерите задолжително мора да ги дезинфицираат рацете со средство за дезинфекција.
5. Комисијата од три члена да го следи тренингот од соодветно место, на физичко растојание помеѓу членовите од 2 метри.
6. Реквизитите кои се користат на тренингот да се дезинфицираат по секоја направена измена на ученик на терен.
7. Во демонстрирање на одредени елементи, на теренот може да има и два ученика во исто време, но не на растојание помало од 3 метри.
8. Ученикот, кој го завршува својот настап на теренот, да се упатува кон соблекувалната и потоа да го напушти теренот.
ПРИЛОГ бр.15
ПРОТОКОЛ
за превентивни мерки за сите работни места
Преземи протокол | Shkarko protokollin
Универзалните мерки за спречување на пренесувањето на КОВИД-19 што важат за сите работни места и за сите лица на работни места, односно за работодавачите, раководителите, работниците, договарачите, клиентите и посетителите, ги вклучуваат следниве мерки:
Хигиена на рацете
- Редовно и темелно миење на рацете со сапун и вода или дезинфекција на рацете со средство за дезинфекција на база на алкохол пред отпочнување со работа, пред јадење, често пати за време на работната смена, особено по контакт со колеги или клиенти, по одење во тоалет, по контакт со секрети, екскрети и телесни течности, по контакт со потенцијално загадени предмети (ракавици, облека, маски, користени хартиени марамчиња, отпад), и веднаш по отстранување на ракавиците и друга заштитна опрема, а пред допирање на очите, носот или устата.
- Треба да се постават станици за хигиена на рацете, како што се станици за миење на раце и диспанзери за дезинфекција на раце на истакнати места во работната средина и до нив треба да имаат пристап сите вработени, договарачи, клиенти или купувачи и посетители, заедно со информативни материјали за промовирање на хигиена на рацете.
Респираторна хигиена
- Промовирајте респираторна хигиена од страна на сите луѓе на работното место. Осигурете дека на работното место има на располагање доволно заштитни маски за лице и хартиени марамчиња за оние вработени на кои им тече носот или кашлаат на работа, како и канти за отпадоци со капаци за хигиенско одлагање на отпадот.
- На видно место истакнете промотивен материјал за носење заштитна маска на лицето како и упатство за нивна правилна употреба. Известете ги работниците доколку некој е болен дека не треба да доаѓа на работа. Ако некој член на персоналот или работник не се чувствува добро додека е на работа, обезбедете медицинска маска за да може безбедно да се врати дома.
Физичко дистанцирање
- Воведете мерки за одржување на растојание од најмалку 1 метар помеѓу луѓето и избегнување на директен физички контакт со други лица (на пр. прегрнување, допирање, ракување), строга контрола врз надворешниот пристап на странки и контакти во насока на одржување на ред физичка дистанца (обележување ознаки на подот, прегради и сл.).
- Намалете ја густината на луѓето во зградата, односно физичкото растојание од најмалку 1 метар помеѓу работните позиции и во заедничкиот простор, како влезови / излези, лифтови, остави / кантини, скали, каде што може да дојде до собирање или редици на вработени или посетители / клиенти.
- Намалете ја потребата за физички состаноци, односно да се користи опрема за телеконференции.
- Избегнувајте групирања со воведување на флексибилно работно време за вработените за да се намали собирањето на вработените во заедничките простори, како што се влезови или излези.
- Организирајте или зголемете ја работата во смени или поделете ги тимовите, или пак, организирајте работа од далечина доколку е возможно, согласно работниот процес.
- Одложете или откажете ги настаните на работното место што вклучуваат близок и продолжен контакт меѓу учесниците, вклучително и социјални собири.
Намалување и организирање на патувања поврзани со работата
- Откажете или одложете ги патувањата во региони каде има трансмисија и зголемен број на лица со КОВИД-19 во заедницата, а кои не се неопходни, обезбедете дезифициенси за раце за работниците кои мора да патуваат, советувајте ги работниците да се придржуваат на инструкциите во местата каде што патуваат, и дадете им информации со кого да контактираат ако не се чувствуваат добро за време на патувањето.
- Работниците кои се враќаат од области каде што постои трансмисија на КОВИД-19 треба самите да ја следат својата здравствена состојба и можна појава на симптоми во тек на 14 дена и да ја мерат телесната температура два пати на ден, ако не се чувствуваат добро, треба да останат дома, да се самоизолираат и веднаш да стапат во контакт со својот матичен лекар и епидемиолог.
Редовно чистење и дезинфекција на работната средина
- Редовно чистење со користење на сапун или неутрален детергент со вода, како и механичко чистење (четкање, стружење) со цел отстранување на нечистотиите, остатоците и другите материјали од површините. По завршувањето на процесот на чистење, се врши дезинфекција за да се деактивираат (т.е. убијат) патогените и другите микроорганизми на површините.
- Површините што често се допираат треба да се утврдат како приоритет за дезинфекција (делови што често се користат, рачки на врати и прозорци, прекинувачи за светла, кујната и површини каде се подготвува храна, површини во бањи, тоалети и славини, екрани на допир на лични уреди, тастатури на персонални компјутери и работни површини).
- Растворите за дезинфекција секогаш мора да се подготвуваат и користат според упатствата на производителот, вклучително и упатствата за заштита на безбедноста и здравјето на работниците кои вршат дезинфекција, со употреба на лична заштитна опрема и избегнување на мешање на различни хемиски средства за дезинфекција.
- За работните места на затворено, генерално не се препорачува рутинска примена на средства за дезинфекција на површините во средината со распрскување или замаглување, бидејќи е неефикасна во отстранување на загадувачи надвор од директните зони на прскање и може да предизвика иритација на очите, респираторните органи и кожата и други токсични ефекти.
- За работните места на отворено, во моментов нема доволно докази за поддршка на препораките за прскање или фумигација од голем обем.
- Прскање на лица со средства за дезинфекција (како на пр. во тунел, затворен простор или комора) не се препорачува во никакви околности.
Комуникација, обука и едукација за ризици
- Обезбедете промотивни материјали: постери, видеа и електронски табли за прикажување на пораки за зголемување на свеста за КОВИД-19 кај работниците и промовирање на безбедни индивидуални пракси на работното место.
- Редовно информирајте ја епидемиолошката служба од регионалниот Центар за јавно здравје при појава на ризикот од КОВИД-19.
Управување со лица со КОВИД-19 или нивни контакти
- Работниците кои не се чувствуваат добро или кај кои се појавуваат симптоми што одговараат на КОВИД-19, треба да останат дома, да се самоизолираат и да контактираат со медицинско лице или со локалната линија за информации за КОВИД-19 за совети.
- Сите работници сами да го следат своето здравје и редовно да ја мерат телесната температура.
- Мерењето на температурата на работното место треба да се разгледа како опција само во контекст на комбинација на мерки за превенција и контрола на КОВИД-19 на работното место и заедно со комуникација за ризикот.
- Треба да се почитуваат стандардни оперативни процедури за управување со лице кое ќе се разболи на работното место, а постојат сомневања дека има КОВИД-19, вклучително и сместување на лицето во просторија за изолација, ограничување на бројот на лица кои имаат контакт со него, употреба на лична заштитна опрема и последователно чистење и дезинфекција.
- Задолжително е да се контактира со регионалниот епидемиолог и да се води евиденција за присуство на состаноци за да се олесни следењето на контактите.
- Луѓето кои биле во близок контакт на работното место со лице со лабораториски потврден КОВИД-19 по направената проценка од страна на локалниот епидемиолог треба да бидат ставени во домашна изолација, во период од 14 дена од последниот контакт со тоа лице.
Извадок од Нацрт – записникот од 60-та седница на Владата на Република Северна Македонија, Точка 1
Извадок од Нацрт – записникот од 60-та седница на Владата на Република Северна Македонија, Точка 2
Извадок од Нацрт – записникот од 60-та седница на Владата на Република Северна Македонија, Точка 44