Д-р Караџовски: Мерката за носење заштитна опрема и дистанца од 2 метра е основата во цел свет

На денешната прес-конференција, претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски ја презентираше епидемиолошката анализа на актуелната состојба со ковид-19 во нашата држава, заклучно со вчерашниот ден.

„Вкупно имаме до денешен ден 127 новорегистрирани случаи или вкупен број 3152 регистрирани случаи во државата. По градови, Скопје 1332, Куманово 556, Тетово 291, Прилеп 218, Штип 210, Велес 144, Струга 103, Дебар 53, Кочани 52, Гостивар 50, Охрид 37 и Битола 30. Овде се дадени 12 општини, 12 градови во кои што вкупно се регистрираат 97,5% од сите случаи во државата. Значи проблемот се всушност оние пет градови на почеток што се дадени каде имаме највисока инциденца, најголем број на починати и највисок морталитет. Просечниот леталитет во моментот изнесува 4,9% а морталитет 7,4 на 100.000. Дистрибуцијата по возрасни групи - најголем број заболени лица (620) на возрасна група преку 60 години, потоа доаѓа 50-59 години (586) и 544 на возраст од 40-49 години, а 568 во групата од 30-39 години. Просечна возраст на заболените луѓе во државата изнесува 44,8 години, меѓутоа највисока инциденца во моментот имаме на возрасна група од 50-59 години“, изјави д-р Караџовски.

Во однос на стандардната епидемиолошка крива, на 25-ти мај бројката покажуваше 16 случаи и тогаш Комисијата за заразни болести предложи олабавување на мерките.

„Она што се случи после 26-ти мај исклучиво согласно епидемиолошките анкети што досега сме ги направиле се должи на тотално непочитување на одредени превентивни мерки кои ги дадовме како препорака од Комисијата за заразни болести и министерот за здравство, а тоа се носење заштитна маска, спречување на групирање на повеќе од 2 лица, што ни се удри како бумеранг заради непочитување на мерките за време на верскиот празник Рамазан бајрам и ифтарските вечери кои се случуваа во тој период. Вториот бран ни се појави сега, и доколку можам епидемиолошки да се изразам, вториот бран од 26-ти наваму може да се направи транслација кога би го помериле во лево, дека тој ќе се поклопи или речиси ќе се поклопи со бројот на заболени во април месец. Значи дојдовме до една состојба кога цела Европа ги попушташе мерките и нашите околни држави, го направивме тоа и ние, очекувајќи дека мерките ќе се почитуваат, меѓутоа за некои работи крајно сум разочаран од непочитување на овие мерки“, потенцираше д-р Караџовски.

За бројот на број на тестирани и процент на позитивни, тој изјави дека ништо не е променето во стратегијата за што беше оценувано дека нешто се менува во стратегијата и бројот на тестирани.

„Ние последните седум дена направивме големи напори, лабораториите ги „растегнавме“ до крајни граници да може да работиме повеќе од илјада или околу илјада тестови дневно. Меѓутоа добивме и неколку лаборатории на припомош - Центарот за јавно здравје Скопје, МАНУ, судска медиицина, како и останатите кои изминатиот период драгоцено ни дадоа помош за да спроведеме едно поголемо тестирање. Тестирањето покажа дека што повеќе тестираме, имаме и поголем број позитивни, меѓутоа, процентот на овие позитивни се движи меѓу 3,1% / 7,9% / 14,2%/ 13%/ и 15%“. Исход на заболуавања по градови - Скопје , болест во тек има 658, оздравени 569, смртен исход - 38, односно 1265“, истакна д-р Караџовски.

Комисијата за заразни болести усвојува свои протоколи и ги дава на министерот за здравство за усвојување на Влада.

„Ние не сме Влада на државата, ние не сме луѓе кои сме директно инволирани во донесување на одлука. Главен кризен штаб на оваа држава ги донесува одлуките. Ве молам да ги почитуваме мерките, само со доследно почитување на овие мерки можеме да испливаме од оваа вода. Ве молиме да не дозволуваме самите себе да си пресудуваме во моменти кога цела Европа и цел свет ги намалува сите мерки, а ние да воведуваме нови рестрикции. Верувам дека 20% од населението се уште не не сфаќа озбилно, ниту нас, ниту болеста. Само тие што не биле на инфективна клиника не знаат која е таа мачна атмосфера. Не е сеедно да гледате како умираат луѓе. Воопшто не е сеедно да донесувате мерки кои се рестриктивни како за мене, така за мојата фамилија. Меѓутоа, и на нашите најблиски. Дајте да сфатиме дека мерката за носење заштитна опрема, дистанца од 2 метра е основата во цел свет. Никаде ништо се нема променето во овие мерки. Дајте да се здружиме сите заеднички. И партии, и политика, и било кои други работи да ги тргнеме на страна. Оставете ги пишувањата против Комисијата, ние сме најголемите професионалци во државата“, истакна д-р Караџовски.