Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, заедно со заменикот министер за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар, дополнителниот заменик за труд и социјална политика, Санела Шкријељ и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски денеска направија увид во градежните работи на нова, енергетски ефикасна градинка во Драчево, Oпштина Кисела Вода.
Во изјавата за медиумите, премиерот Спасовски истакна дека ова е посебна прилика која заслужува соодветно внимание кога се иницираат проекти од значење за раниот детски развој, проекти од огромно значење за најмалите, за нашите идни генерации, проекти со кои им го обезбедуваме соодветниот здрав развој.
„Еден таков настан е и денешниот. Направивме увид во работите на изградбата на детска градинка овде, во населбата Драчево. Отприлика за една година, во овој супер модерен објект ќе бидат сместени околу 130 дечиња од под 2 годишна возраст, како и деца до претшколска возраст. Се работи за проект според сите стандарди за ваков тип претшколски установи, еколошки здрави средини и енергетски ефикасни објекти, и со партерно уредување со површина 1.320 метри квадратни зеленило со детско игралиште“, акцентираше премиерот Спасовски.
Тој потенцираше дека ова е само еден од врвните приоритети на Владата и на Министерството за труд и социјална политика, кои пред три години си зададоа задача опфатот на децата коишто одат во градинка да го зголеми за 50%, бидејќи вложувањето во раниот детски развој е вложување во луѓето коишто се најголемиот капитал на државата.
„Оваа определба е така зацртана затоа што градинките не се места само каде што се згрижуваат децата туку и место каде што го осознаваат светот и се воспитуваат. Токму затоа во Буџетите на државата во изминатите три години беа издвоени над 280 милиони денари за изградба на нови и за реконструкција на постоечките градинки. Оваа грижа за нашите идни поколенија, за потенцијалот на човечкиот капитал во кој треба постојано да вложуваме, го препозна и Светската банка, која во неколку наврати обезбеди неколку десетици милиони евра за оваа намена“, ја истакна целата посветеност на Владата премиерот Спасовски.
Тој објасни дека со отворањето на нови градинки ја јакнеме вработливоста, посебно на жените, бидејќи обезбедуваме грижа и воспитание на нивните деца во местата каде што живеат, а тие ќе може да се вклучат на пазарот на труд.
„Паралелно со инвестициите во инфраструктурата, континуирано работиме на зајакнување на кадарот во градинките и надградување на компетенциите на воспитувачите/чките. Досега обезбедени се 1.400 согласности за вработувања во градинките. Во изминатиот период инвестиравме во 44 градинки и објекти за ран детски развој и создадовме услови за квалитетно сместување на 3.000 предучилишни деца. Дополнителни 15 милиони евра се обезбедени за нови инклузивни и енергетски ефикасни градинки кои ќе значат нови 7.500 места за згрижување на деца во градинки. За само две години се изградија, се обновија и реновираа повеќе од 70 објекти, градинки и детски центри во целата држава, во градовите, но и во руралните средини. За вработените во детската заштита обезбедивме повисоки плати за 21 отсто, што е најголемо досега“, објасни премиерот Спасовски.
Тој на крај потенцираше дека раниот детски развој е клучен период за емоционалниот развој на децата, како и за стекнување вештини неопходни за тие да напредуваат во животот и токму затоа со секоја инвестиција во предучилишното образование, вложуваме во нашите најмлади, овозможиме подобра иднина за нив и за целото општество.
Заменикот министер за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар ја истакна посветеноста на Министерството за труд и социјална политика кое ги продолжува сите капитални проекти, бидејќи тоа не е само инвестиција во објекти туку пред се вложување во децата на оваа земја.
„И во овие специфични услови, не дозволуваме здравствено-економската криза да ги одложи проектите за изградба на градинки. Наша примарна цел е искоренување на детската сиромаштија и обезбедување еднаква шанса за секое дете. Во изминатиот период инвестиравме во 44 градинки и објекти за ран детски и создадовме услови за квалитетно сместување на 3000 предучилишни деца. Дополнителни 15 милиони евра се обезбедени за нови инклузивни и енергетски ефикасни градинки кои ќе значат нови 7.500 места за згрижување на деца во градинки. Како што гледате, овие средства непречено се реализираат. Општина Кисела Вода ќе добие современа и енергетски ефикасна градинка, наменета за 125 деца, од сите возрасни групи“, прецизираше заменикот министер, Бајрактар.
Тој акцентираше дека со зголемувањето на капацитетите за деца од предучилишна возраст ги зголемуваме можностите за пристап до рано учење и обезбедуваме еднакви можности за ран детски развој за секое дете и дека целта е да се опфатат што повеќе деца во предучилишно образование.
Тој на крај истакна дека Министерството за труд и социјална политика во изминатите три години инвестираше не само во инфраструктурата, туку и во квалитетот на предучилишното образование и дека многу скоро градинките повторно да бидат безбедни места за нашите деца, каде тие не само што ќе бидат згрижени туку и ќе го почнат квалитетното образование.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски објасни дека познавајќи ги спецификите на Општина Кисела Вода, познавајќи ги барањата на нејзините жители беше јасна потребата од постоење на уште еден ваков капацитет кој ќе одговори на потребите на граѓаните од Драчево, но и ќе ги растерети останатите градинки од овој дел на градот.
„Согласно проектот изработен од Општина Кисела Вода, новата градинка ќе се простира на површина од 600 квадратни метри, со поделена катност од подрум, приземје и еден кат. Капацитетот на градинката за згрижување е за вкупно 125 деца, од кои за 95 на возраст од 2 до 6 години и за 30 до 2 годишна возраст“, објасни градоначалникот Темелковски.
Тој истакна благодарност до Владата на Република Северна Македонија за целокупната поддршка на сите проекти на Општина Кисела Вода во изминатите три години и потенцираше дека со поддршка од Владата беше направена училишната сала во ОУ „Рајко Жинзифов“ како и новиот Дом за култура кој наскоро ќе ги отвори своите врати за жителите на Драчево.