За три години, МЗ со скок од 43 места на Индексот за активна транспарентност, во највисоката категорија во рангирањето

Според Индексот на транспарентност за 2020 година кој го прави Центарот за граѓански комуникации, Министерството за здравство е институција чија активна транспарентност е рангирана во категоријата „многу добра“ со високи 81,3 процентни поени.

Споредено со Индексот од минатата, 2019, година кој изнесува 77,5 процентни поени во истата категорија, Министерството за здравство бележи раст од 3,8%. Во 2017 година, активната транспарентност на Министерството за здравство била рангирана во категоријата „слаба“, а за само три години министерство бележи скок од 43 места.

За три години министерството бележи поместување од категоријата „слаба“ во „многу добра“ што е практично и највисоката категорија во рангирањето и рекорден скок од 43 места. Ова е огромен напредок за нас како институција и резултат на нашата посветеност кон целосна транспарентност во објавување на информациите.

Инаку под „активна транспарентност“ се подразбира објавување на информации по сопствена иницијатива од страна на институцијата. Центарот за граѓански комуникации го спроведува истражувањето врз основа на методологија и структурирани прашалници за исполнетоста на обврските за активно објавување на информациите на интернет-страниците на институциите.