Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, преку видео-порака денеска се обрати на промоцијата на „Прирачникот за предавање и учење на холокаустот“ за потребите во образованието, во организација на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, а кој е придружна членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот.
Обраќањето на премиерот Спасовски од промоцијата на прирачникот кој е преведен на македонски, албански, турски и српски јазик, ви го пренесуваме во целост:
Во 2020 се одбележаа три важни годишнини кои се однесуваат на холокаустот, најголемото злосторство во современата историја на човештвото и најголемата трагедија која што еден народ - еврејскиот - ја има доживеано:
- 75 години од ослободувањето на најголемиот нацистички концентрационен логор Аушвиц – Биркенау во кој што животот го загубија преку 1.1 милион луѓе, најголемиот број од нив Евреи,
- 20 години од усвојувањето на Декларацијата од Стокхолмскиот форум со која што државите потписнички, меѓу нив и Република Северна Македонија, се обврзаа да го негуваат споменот на жртвите на холокаустот и да ги унапредуваат образовните и истражувачки политики на планот на холокаустот, и
- 15 години од усвојувањето на резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации со која што 27 јануари е утврден како Меѓународен ден на сеќавањето на жртвите на холокаустот.
Одбележувањето на овие годишнини се прилика да се потсетиме на сите жртви на холокаустот, меѓу нив, и на 7.144 Евреи од Скопје, Битола и Штип кои во март и април 1943 година беа депортирани и убиени во логорот на смртта Треблинка – трагедија што е длабоко вкоренета во колективната меморија на нашиот народ.
Нашата политичка и морална должност да ја сочуваме вистината за холокаустот и неговите жртви никогаш да не бидат заборавени, а со цел оваа трагедија никому и никогаш да не се повтори.
Оттука и нашата трајна определба никогаш да не ги заборавиме жртвите на холокаустот, но и жртвите на останатите геноциди, да го негуваме и пренесуваме од генерација на генерација споменот на нив, да ги учиме младите генерации за она што се случи со цел никогаш, никаде и никому да не се повтори.
Активностите на Владата на Северна Македонија, покрај политиките на планот на сеќавањето, образованието и истражувањето на холокаустот, вклучуваат и мерки во борбата против антисемитизмот, негирањето и против обидите за искривено толкување на холокаустот, дискриминацијата, говорот на омраза, расизмот и другите форми на кршење на човековите права.
Бевме помеѓу првите земји кои ја усвоија работната дефиниција на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот – ИХРА за антисемитизмот.
На 10 март, 2020 година Владата го задолжи Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, во рок од три месеци да го преведе документот „Препораки за предавање и учење за холокаустот“ на ИХРА. Препораките се сега преведени и спремни за употреба.
Во оваа прилика, на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, ги изразувам честитките за успешно спроведената обврска која ќе биде значаен придонес од повеќе аспекти:
- Препораките ќе помогнат да се развие знаење за холокаустот, со гаранција за точноста во индивидуалното разбирање и знаење, како и зголемување на свесноста за можните последици од анти-семитизмот;
- Ќе се создадат средини за учење кои ќе поттикнуваат да се учи за холокаустот кои ќе помогнат да се спротивставиме на негирањето на холокаустот и на негова релативизација; и
- Ќе биде значаен придонес кон образованието за човекови права и превенција од геноцид.
Препораките помагаат на правилен начин да се учи за холокаустот, со предлог за практични пристапи и методи кои се корисни за тоа во формалното и неформалното образование.
Овие препораки ќе ги збогатат основните материјали во процесот на образование за човековите права и превенцијата од геноцид.
Уверен сум дека овој прирачник ќе го најде своето место во образовниот систем на нашата земја зашто поуките од холокаустот остануваат поуки за сите генерации за борба против антисемитизмот, негирањето и искривоколчувањето на холокаустот, говорот на омраза, дискриминацијата и сите останати форми на кршење на човековите права.