МВР ги расчисти поголемите инциденти меѓу младите, кривични пријави против 28 лица
Полицијата поднесе кривични пријави за „насилство“ против 28 лица во врска со последните инциденти меѓу младите, а полицајците добија наредба при одење на работа да го користат јавниот превоз, информира денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска по состанокот на Секторот за внатрешни работи Скопје, на кој биле разгледани бројките за расчисетните инциденти.
Министерството за внатрешни работи, истакна Јанкулоска, ги расчистило сите поголеми инциденти кои се случија во изминатите денови во Скопје. Лицата против кои има пријави се од мешен етнички состав, а најмладиот имал 11 години. При престрес на ученици деновиве се откриени, метални предмети, синџири, палки и слично.
- За инцидентите што се случија во изминатиот период се поднесени 28 пријави. Дополнително се разговара со уште седум лица. Во оваа бројка од 28 лица се осум кои ќе добијат кривична пријава за инцидентот во автобусот бр. 58. Од овие лица двајца се полнолетни, а пет се малолетни, рече Јанкулоска и додаде дека за инцидентот кој се случи истата вечер во автобусот со бр. 57 пријава ќе добијат пет лица. За овие два случали со оглед на тежината на повредите МВР од Обвинителот ќе бара определување мерка притвор.
Расчистени се и поголем број од инцидентите кои се случија во тек на изминатото деноноќие, вклучително и каменувањето на автобусот бр.55, оштетувањето на околу 10 патнички возила, за кое ќе одговараат шест малолетни лица, од кои најмалиот има 11 години.
- Освен овие 28 лица ќе продолжиме со активностите до целосно расчистување на сите инциденти до последниот, иако најголемиот број од нив се веќе расчистени. Со ова сакаме да испратиме јасна порака дека секој што ќе се осуди да прибегне кон насилство најстрого ќе биде санкциониран и дека насилството не може да се толерира под ниту едни услови, порача Јанкулоска.
Во функција на дополнително превентивно дејствување, како што рече, за во наредните неколку денови издадовме наредба полициските службеници при патување од нивните домови до работните места да го користат јавниот превоз. Со тoа ќе делуваме превентивно, а веруваме и дека ќе придонесеме и за поголема доверба, сигурност и безбедност на граѓаните кои го користат јавниит превоз во Скопје.