Претседателот на Владата Оливер Спасовски, денеска во рамки на работната посета на Општина Гази Баба, придружуван од заменик министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Неџад Мехмедовиќ, градоначалникот на Општината Борис Георгиевски и претседателот на Бошњачката културна заедница (БКЗ) Џемил Бектовиќ го посетија и историското место Турбето „Крал К’зи“ - гробницата на Катарина, ќерката на последниот босански крал Стефан.
Премиерот Спасовски со присутните разговараше за значењето на мавзолејот на кралската ќерка, за кој се претпоставува дека бил изграден кон крајот на 15-от односно почетокот на 16-от век и кој како што истакна е од особено значење за бошњачката заедница во нашата држава и како споменик на културата заслужува посебно внимание.
Спасовски рече, дека секој народ има право на своето минато, национално изјаснување и културна традиција и дека овој споменик го почитуваат не само граѓаните од бошњачката заедница, туку и сите граѓани, бидејќи тој покажува дека на ова поднебје сите заедно живееле со векови.
Особено беше оценето дека Бошњаците во Република Северна Македонија се еднаков дел од сите прогресивни сили, кои го сочинуваат нашето општество, кое го почитува културниот плурализам и заедно ги унапредува начелата и вредностите за еднаквост на сите граѓани за нивно целосно општествено интегрирање, независно од етничката или верската припадност.
Владата, како што подвлече премиерот Спасовски, низ заедничката соработка меѓу централната и локалната власт сериозно е фокусирана на сите прашања што ги засегаат граѓаните и целосно ја поддржа иницијативата на Бошњачката културна заедница и Општината Гази Баба да се продолжи со уредувањето на просторот околу Турбето.
На падините на Гази Баба околу Турбето веќе се поставени клупи, урбана опрема и дополнително осветлување, со што овој културен споменик ќе го добие својот препознатлив облик и со тоа заслужено преку институциите ќе биде вметнат во туристичката мапа на главниот град на нашата држава.