Средба на министерот Бесими со турска делегација, предводена од бригадниот генерал Ишлејен
Република Македонија и Република Турција имаат одлична соработка во сите сфери на општеството, а особено во областа на одбраната, истакна министерот за одбрана, Фатмир Бесими, на денешната средба со турската делегација, предводена од бригадниот генерал Али Шахин Ишлејен, која ќе присуствува на утрешната свеченост по повод 113. години од дипломирањето на Кемал Ататурк на Воената гимназија во Битола.
Министерот Бесими се заблагодарил за континуираната поддршка од Република Турција и го информирал генералот Ишлејен за намерите на Република Македонија за реставрирање на куќата на турскиот реформатор и основоположник на модерна Турција, Кемал Ататурк, соопшти денеска Министерството за одбрана.
Осврнувајќи се на утрешната свеченост, министерот Бесими укажал на фактот дека за Република Македонија претставува голема чест што може да даде свој придонес во прославата на значајни настани за Република Турција.
Генералот Ишлејен уште еднаш ја потврдил поддршката на Република Турција за евроатлантската интеграција на Република Македонија и имајќи ја предвид пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, изразил надеж дека членството на Македонија во НАТО ќе се реализира колку што е можно побргу.