Министерот Попоски се сретна со високиот претставник на Американско-еврејскиот комитет Бејкер
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски денеска го прими Ендрју Бејкер, директор за меѓународни еврејски прашања при Американско - Еврејскиот Комитет, со седиште во Њујорк.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, Попоски го информираше соговорникот за актуелните стратешки приоритети во надворешната политика на Владата на Република Македонија, интересот на нашата држава за градењето на добрососедски односи, како и определбата за трајна стабилност, безбедност и напредок на сите земји во регионот, со јасна перспектива за негова целосна Европска и Евроатлантска интеграција.
За време на средбата соговорниците разменија мислења за билатералните односи и соработката на Република Македонија со Соединетите Американски Држави и со Израел, како и за актуелните состојби и очекувањата за развој на ситуацијата на Блискиот Исток.
Министерот Попоски го истакна интересот за продолжување на успешната соработка на Владата на Република Македонија со Американско - Еврејскиот Комитет, со кој што споделуваме заеднички визии за мир и безбедност, демократија и просперитет на глобално ниво.