Почна проширувањето и реконструкцијата на улицата „Првомајска“ во Кисела Вода
Град Скопје денеска го почна капиталниот проект за проширување и реконструкција на улицата „Првомајска“ во општина Кисела Вода. Со проектот ќе се реконструираат две делници од оваа сообраќајница, од „Рампа“ до крстосницата со ул. „Народни Херои“ и од крстосницата од булеварот „Србија“ до влезот во поранешната фабрика „Стакларница“, или во вкупна должина од 2,5 километри.
Паралелно со градежните работи на првата делница, проширувањето на улицата „Првомајска“ ќе се одвива и на втората делница. Со проширувањето на овој дел улицата „Првомајска“ ќе прерасне во булевар со четири коловозни ленти, по две во секоја лента, широки по 3,5 метри. Градежните работи треба да завршат за девет месеци. Во овој проект Град Скопје ќе вложи околу 4 милиони евра, пари обезбедени од Европската банка за обнова и развој и од Буџетот на Град Скопје.
На проширување и реконструкција на улицата „Првомајска“ присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, градоначалникот на општина Кисела Вода Марјан Ѓорчев...
Премиерот Никола Груевски рече дека со реконструкцијата и проширувањето на улицата „Првомајска“ ќе се реши едно од најважните прашања за жителите на општина Кисела Вода и Центар, но и сите граѓани од останатите општини кои гравитираат на овој потег од градот.
- Со овој зафат, улицата „Првомајска“ ќе прерасне во модерен булевар со четири коловозни ленти, пешачка и велосипедска патека, ново улично осветлување, дрвореди, нови клупи и корпи за отпадоци. Со еден збор, ќе се пробие уште едно тесно грло во градот и ќе се добие нов булевар, кој во целост ќе се вклопи во новиот лик на градот Скопје, рече Груевски.
Груевски истакна дека дел од тој нови лик се и обновените булевари „Партизански одреди“, „Кусман Јосифовски - Питу“ и „Крсте Мисирков“, како и улиците „Даме Груев“, „Васил Аџиларски“ и „Стив Наумов“, проширениот булевар „Илинден“, проширениот булевар „Србија“...
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски рече дека се соочиле со околу 400 нерешени предмети од аспект на имотно-правни односи за откуп на земјиште.
- Овој процес со над 400 имотно-правни односи и откуп на земјиштето го чинеше Град Скопје околу 20 милиони денари, додаде Трајановски.
Градоначалникот на општина Кисела Вода Марјан Ѓорчев рече дека најголем проблем на Кисела Вода е сообраќајниот хаос и додаде оти со проширување и реконструкција на улицата „Првомајска“ се исполнуваат ветувањата дадени на граѓаните.
На проширувањето и реконструкцијата на улицата „Првомајска“ ќе работат екипите на конзорциумот „Алпине Бау“ и „Жикол“ од Скопје.