Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, оствари средба со амбасадорката на Обединетото Кралство во нашата земја Н.Е. Рејчел Галовеј, која му го честиташе вториот мандат и изборот на новата Влада посакувајќи му успешна работа.
Премиерот Заев во разговорот со амбасадорката, истакна дека се важни остварените резултати од првиот мандат во насока на зајакнување на демократијата и подобрување на политичките слободи подвлекувајќи дека во наредниот четиригодишен мандат Владата останува посветена на стратешките цели, меѓу кои важно место зазема нашата заложба за исполнување на нашите обврски од членството во НАТО и забрзување на процесот на интеграција во Европската Унија.
На средбата беше констатирано дека Британија и Северна Македонија се силно посветени на зајакнување на билатералната соработка на економски план и зголемување на трговската размена.
Беше разговарано и за програмите и мерките кои помагаат за совладување на здравствено-економската криза од коронавирусот КОВИД – 19 и нивна најдобра примена за заштита на економијата и животниот стандард на граѓаните, со цел продолжување на позитивните реформи во нашата земја во областите на одбраната, владеењето на правото и доброто управување.