Царовска и Шилегов на прв онлајн час во СУГС „Орце Николов“: Училишната година почна, предизвиците заеднички ќе ги надминуваме

Министерката за образование и наука Мила Царовска и Градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов, на првиот училишен час ја посетија скопската гимназија „Орце Николов“, каде наставата се организира преку учење на далечина. 

Министерката Царовска имаше можност да присуствува на првиот одделенски час одржан онлајн, како и да се запознае со предизвиците кои пандемијата со Ковид 19 ги внесе во образовниот процес.  

Директорот на гимназијата „Орце Николов“, Митко Димовски информираше за преземените активностите во соработка со Министерството за образование и наука и локалната самоуправа, со цел што поуспешно да се реализира онлајн наставата. 

За време на посетата, министерката Царовска укажа дека ова е поразлична училишна година. Следејќи ги насоките на здравствените власти, наставата се организира со два приоритети – заштита на здравјето на сите што учествуваат во образовниот процес и обезбедување пристап до образование за секое дете.

На наставниците и на  средношколците, Царовска им посака успешна училишна 2020/2021 година, со порака дека преку соработка, заеднички треба да се надминуваат сите предизвици што ги наметна новиот начин на настава.