Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружуван од министерот за здравство Венко Филипче денеска оствари средба преку интернет видео врска со претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерите на Албанија и Србија, Еди Рама и Ана Брнабиќ.
На состанокот беа разгледувани сите аспекти на соработка во услови на КОВИД-19 кризата кои произлегуваат од иницијативата за напредна соработка во рамките на Берлинскиот процес и денешниот потпишан меморандум.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ рече дека од пресудно значење е оваа соработка, а меморандумите кои беа денеска потпишани ќе помогнат да функционираат земјите и во услови на глобална пандемија.
„Со поедноставување на постапките, овозможуваме подобар развој на економијата која е клучна во овој период, очекувајќи ги уште поголемите економски последици кои произлегуваат од коронакризата“, изјави Вучиќ.
Премиерот на Албанија Еди Рама додаде дека е среќен со потпишувањето на денешните договори кои ја поттикнуваат слободата на движење на граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија. Според Рама, со утрешниот Софиски самит почнува нова фаза во нашата блиска соработка, кога во оваа иницијатива и соработка ќе се вклучи Косово, а очекуваме и вклучување на другите држави од регионот на Западен Балкан.
Премиерот Заев истакна дека веќе се работи на координација околу обезбедување на вакцина за КОВИД-19 за граѓаните на трите земји.
„Меѓусебно ќе се поддржуваме и ќе си помагаме во моменти доколку се случи преоптоварување на здравствените системи во нашите земји. Отвораме зелени коридори за патување на нашите граѓани и економските оператори со кои се ублажуваат последиците од КОВИД-19. Граѓаните и пред се носителите на економијата ќе се движат помеѓу трите земји без потреба од ПЦР тест, односно ќе се ослободат од административен и финансиски товар граѓаните на нашите држави, притоа почитувајќи ги сите мерки на заштита кои се речиси идентични“, рече Заев.
Истовремено премиерот Заев информираше дека дел од договорот е и помошта која земјите меѓусебно ќе си ја даваат во случај на преоптоварување на здравствените системи во државите потписнички. Премиерот Зоран Заев даде и пластично објаснување на значењето за граѓаните во ваков случај.
„Доколку некој граѓанин на Северна Македонија се разболи и треба да се лекува во Албанија или Србија, тогаш нашите соседни држави ќе го покријат лекувањето и нашиот граѓанин нема да треба да плаќа од свој џеб. Истото ќе важи и за граѓаните на Албанија и Србија доколку се затечат на наша територија и им е потребна помош. Ова се моменти на солидарност, на трезвено размислување и на поткрепа која си ја даваме меѓусебно", заклучи премиерот Заев.